Министерот Спасовски денеска оствари работна средба со Џеф Голдстајн, заменик шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Министерот Спасовски и г-дин Голдстајн разговараа за неопходноста во Република Македонија да се одржат фер и демократски избори, при што министерот Спасовски потенцира дека МВР целосно ќе се стави во функција за тоа да се случи.
Министерот Спасовски рече дека нема да дозволи МВР да биде злоупотребено ниту преку користење на човечки ресурси ниту на технички ресурси, како што тоа беше случај на претходните избори. Заменик шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн се согласи дека не смее да има никаква злоупотреба на ресурсите на МВР и понуди помош доколку тоа биде потребно.
На средбата се разговараше и за борбата против тероризмот и беше нагласена потребата за зголемена регионална полициска соработка како и потребата од изнаоѓање на ефикасна методологија за реинтеграција и социјализација на борците вратени од конфликтните подрачја.