По средбата на Заев, Ахмети и Џафери, денеска заседава комисијата за одземање на имунитетот на пратениците

од desk4
111 прегледи


Денеска напладне пратениците од Комисијата за мандатно-имунитетни прашања ќе одлучуваат дали ќе им го одземат пратеничкиот имунитет на своите колеги кои се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, на 27-ми април, кога се случија инцидентите во Собранието. Седницата е закажана по вчерашната ненајавена средба меѓу премиерот Зоран Заев, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Заев на средбата се задржа кратко, околу половина час, по што брзо замина, избегнувајќи да даде изјава за новинарите. За разлика од него, Ахмети остана кај Џафери повеќе од два часа. Ниту тој не беше расположен за изјава и ги избегна новинарските екипи. Од кабинетот на Џафери нема објаснување, за што точно се разговарало на средбата, но кратко потоа до надлежната комисија беа доставени барањата за одземање на имунитетот на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска. Барањата се поднесени од Основен суд Скопје 1, односно од Одделението за организиран криминал и корупција.

Според собранискиот Деловник, Комисијата е должна да донесе одлука дали ќе им биде одземен имунитетот на пратениците, а потоа за одлуката ќе се гласа и на пленарна седница, со просто мнозинство.

Слични содржини