Почнува „играта за тронот“ во ВМРО-ДПМНЕ

од desk4

Почнува „играта за тронот“ во белата палата. Најавата на Никола Груевски дека по речиси 15 години планира да се повлече од лидерската позиција на ВМРО ДПМНЕ ги засили амбициите на неговите можни наследници, информира АлсатМ.

Во јавноста во изминатиот период кружеа неколку имиња. Како најсериозен кандидат се посочува актуелниот генерален секретар на партијата, Христијан Мицкоски. Мицкоски е професор на Машинскиот факултет во Скопје и важи за технократ. Беше генерален директор на државната компанија ЕЛЕМ и советник за енергетика во кабинетот на Груевски додека беше премиер.

Пред извесно време во едно интервју изјави дека идниот претседател на ВМРО ДПМНЕ треба да исполни три услови односно да биде поддржан од членството, да има позитивен рејтинг во јавноста и да биде прифатлив за меѓународната заедница.

Според информации на Алсат М, во моментов најактивен со лобирање помеѓу членството на терен е поранешниот министер за здравство и за образование, Никола Тодоров.

Тој на крајот на мај поднесе оставка од функцијата пратеник и најави дека целосно се повлекува од политиката. Пред извесно време отвори и адвокатска канцеларија.

Сепак, нашите информации говорат дека Тодоров има апетити да ја преземе лидерската фотелја во ВМРО ДПМНЕ. Но, зад себе влече багаж од афери и важи за еден од најконтраверзните министри во владите на Груевски.

Против неговата работа како министер за здравство беа организирани неколку протести, а гневот на јавноста најмногу го навлече со случајот на деветгодишната Тамара Димовска од Велес, која почина од сколиоза чекајќи операција.

Најнов скандал кој се поврзува со минестерувањето на Тодоров е паралелниот увоз на лекови од Турција со сомнителен квалитет. Беше често критикуван дека зад себе остави хаос во здравството.

Премиерот Зоран Заев на новинарско прашање за случувањата во ВМРО ДПМНЕ денеска истакна дека не сака да си дозволи да ги коментира внатрешните работи на првиот политички противник на неговата партија.

„Силна опозиција ќе ја направи власта да биде поодговорна, поотчетна, потранспарентна и повеќе граѓански посветена. Секако тоа се внатрешни процеси коишто членовите на ВМРО ДПМНЕ заедно со раководството и раководните структури ќе си дефинираат како е за нив најдобро“, рече Заев.

Иницијаторите за реформи во ВМРО ДПМНЕ засега не сакат да ги коментираат можните наследници на Груевски. Нашата примарна цел е да се реформира партијата на внатрешен план и да се донесе нов Статут кој ќе овозможи демократизација на партијата, вели Илија Илиоски од Републичкиот штаб за реформи во ВМРО ДПМНЕ.

„Кога сето тоа ќе се имплементира и ќе успееме да имаме еден нов, модерен, демократски и обединувачки Статут на партијата, тогаш може да разговараме за имиња и мислам дека што повеќе имиња тоа подобро би било и за партијата, бидејќи тогаш во прав израз ќе дојде внатрепартиската демократија“, вели Илиоски.

Освен Мицкоски и Тодоров, како можни учесници во трката за нов лидер на ВМРО ДПМНЕ се споменуваат и имињата на пораншените министри за надворешни работи Антонијо Милошоски и Никола Попоски, како и пратеникот Илија Димовски.

Слични содржини