Четири дена во фокусот на јавноста е апсењето и правната разврска за настаните што се случија на 27 април во Собранието на Република Македонија.
Вчера, македонското Собрание на седница го одобри барањето на Кривичниот суд за притвор на пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудовски, Љупчо Димовски и Сашо Василевски со што заврши постапката предвидена со Деловникот на Собранието и Уставот за симнување на пратеничкиот имунитет на шестмината пратеници од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ поради настаните од 27 април во Парламентот.
На седницата не присуствуваше пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ која оцени дека седницата е „политичка фарса, чија единствена цел е реваншизам, сеење омраза и уништување на сите оние кои што мислат различно“.
По завршувањето на собраниската седница, претседателот на Парламентот Талат Џафери ги потпиша одлуките за симнување на имунитетот на шестмината пратеници и тие веќе се проследени до Кривичниот суд.
Шестмината пратеници се дел од 36-те лица кои Основното јавно обвинителство ги гони за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“, во врска со настаните од 27 април.
Како што изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, се трага уште по шест од вкупно 36-те лица.
Апсењата на осомничените за настаните од 27 април почна во вторникот кога меѓу приведените беа и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на УБК, Митко Чавков, шесте пратеници и предводниците на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“. На дел од нив им беше одредена мерка притвор од 30 дена, а дел добија куќен притвор.
Вчера беа прифатени жалбите на Основното јавно обвинителство со што пет лица на кои првично им беше определен куќен притвор, им е определен 30-дневен притвор.
Поранешниот министер за внатрешни работи Чавков, на кој исто така му е одредена мерка притвор од 30 дена, штрајкува со глад.
Поради актуелните случувања, опозициската ВМРО-ДПМНЕ секој ден блокира улици и одржува протести пред Кривичниот суд во Скопје./MIA