Партиите не се ни блиску до тоа да ги договорот условите што ќе придонесат наесен да се одржат  фер и демократски избори. Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, денеска на прес-конференција, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека преговорите се прекинати затоа што ВМРО-ДПМНЕ не сака да разговара за спорните гласачи во избирачкиот список и за регулацијата на медиумската сфера. Шилегов не одговори на прашањето дали и кога ќе продолжат преговорите и дали има можност за лидерска средба.

45DB8441-53DD-4E78-A3DB-2D9833DA7547_mw1024_s_n

– Преговорите се прекинати. Секогаш кога ќе дојдеме до двете болни теми за ВМРО-ДПМНЕ, а тоа се прочистување на избирачкиот список, односно 330.000 спорни записи и регулирање на медиумската сфера, во тој момент доаѓа до прекин на преговорите од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ бега од фер, слободни и демократски избори. ВМРО-ДПМНЕ сака да има избори по нејзин терк, какви што беа и досега, криминални и крадени. Социјалдемократскиот сојуз тоа нема да го дозволи. Ние го дадовме нашиот збор. Никола Груевски е политичко минато. Зборот е збор.  Република Македонија ќе има фер, слободни и демократски избори – рече Шилегов на денешната прес-конференција.

Тој додаде дека на преговорите се разговара за уредување на условите во согласност со Договорот од Пржино што останаа отворени. Тоа се избирачкиот список и регулацијата на медиумите. Портпаролот на партијата не прецизираше дали е можно деновиве да се одржи лидерска средба, затоа што, како што рече, Никола Груевски секогаш бега од средбите кога постојат шанси нешто да се доведе во ред.

Од ВМРО-ДПМНЕ потврдуваат дека преговорите се прекинати, но велат дека тоа не е по нивна вина.

– Ние побаравме сите партии да се согласат дека новинар и медиум нема да можат да бидат казнети, но од СДСМ не го прифатија тоа. Што се однесува до избирачкиот список, уште вчера го поздравивме потегот со кој СДСМ потврди дека немало никаква изборна кражба, односно дека победата на ВМРО-ДПМНЕ е чиста – вели Иво Котевски.

 

META

Слични содржини