Поранешните шефови на УБК и на Петтата управа, С.М. и Г.Г., помошник-министерот за информатички технологии во МВР, Н.С., како и бившиот шеф на кабинетот на директорот на УБК, Т.Ј. се осомничени од СЈО за новиот случај „Трезор“, дознава БИРН.
Според СЈО, во перидот од 2010 до 2015 година, тие преку фирмата „Финзи“, каде директоруваше починатиот сведок на СЈО, Коста Крпач, од буџетот на МВР „испумпале“ вкупно 860.000 евра преку неколку сомнителни договори за набавка на опрема и парите ги искористиле за лично богатење.
За четвртоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице со умисла им помогнал во реализацијата.
Обвинителката Фатиме Фетаи на денешната пресконференција ја објави истражната постапка за овој случај, меѓутоа не ги откри имињата и иницијалите на осомничените. Како што најавија од СЈО дополнително од судот ќе побараат мерки за обезбедување на осомничените, што значи дека засега не се знае дали обвинителството на Катица Јанева ќе бара притвор за некој од осомничените.
За овој случај Специјалното обвинителство има сведок од МВР. Како што објасни Фетаи, во 2010 тројцата вработени во УБК во име на полицијата стапиле во контакт со британска компанија за набавка на опрема за потребите на управата, меѓутоа наместо МВР директно да ја купи опремата од британската фирма, набавката одела преку посредникот „Финзи“. Па така, разликата во цената што полицијата ќе ја добиела при евентуална директна зделка со фирмата од Британија и цената што ја добила преку „Финзи“ е повисока за над 360.000 евра. Според сознанијата на БИРН, станува збор за британската компанија Гамма ТСЕ. Станува збор за компанија, која, според податоците од нивната веб страна, врши набавка за владини агенции од целиот свет за готови проекти за надзор од 1990 година. „Гамма ТСЕ произведува високо специјализирани возила за надзор и интегрирани системи за набљудување и обезбедува помош на владините агенции да собираат податоци“, стои на веб страницата на британската компанија.
текстот во целост прочитајте го тука