Продолжува префрлувањето на мигрантите од импроизираниот камп во пристаништето во Пиреја кон прифатните центри, пишува грчкиот весник „Етнос“.

Во околината на пристаништето вчера имаше тензии меѓу мигранти од Авганистан и Сиријци и грчките власти сметаат дека повлекувањето на мигрантите веќе станува итно.

Се повеќе од собраните мигранти се согласуваат да бидат преместени во владините центри.
Според последните податоци на Координациониот центар за управување со бегалската криза на пристаништето има 3.805 мигранти.

Портпаролот на Центарот, Јоргос Кирицис изјави дека секој ден околу 500 бегалци и мигранти од кампот на грчко-македонската граница се убедувани да го напуштат Идомени и да заминат во некои од прифатните центри.

Целта на Владата е кампот во Пиреја да биде расчистен до Велигден, а потоа да бидат повлечени мигрантите од Идомени.

Грчката телевизија Мега јавува за опасноста од претворање на стариот аеродром во регионот на Атина во нов бегалски камп. Во моментот таму има околу шест илјади лица.

Според официјалните податоци во Грција во моментов има 53.661 мигрант, од кои 7.150 се на грчките острови во Егејското Море.

Слични содржини