Судот утре ќе донесе пресуда за Ристевски, кој ја призна вината во „Шамари“

од desk2
93 прегледи

Судијката Татијана Михајлова за утре го закажа објавувањето на пресудата на Јордан Ристевски, кој на денешното рочиште се изјасни за виновен во случајот „Шамари“ на СЈО, за насилството во Општина Центар во јуни 2013 година.

На одвоеното судење, тој рече дека доброволно ја признава вината и дека никој не му вршел притисок ниту му се заканувал за да го признае делото, за кое рече дека се кае.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи, рече дека околностите за Ристески се идентични како тие за Томислав Лазаров, кој минатата недела ја призна вината и беше правосилно осуден на шестмесечна условна затворска казна.

Според Фетаи, признанието на вината на Ристески ќе има позитивно влијание на понатамошниот тек на постапката, но и за него во однос на одмерувањето на висината на казната.

Како олеснителна околност, во тој контекст, таа наведе дека Ристевски досега не е осудуван, високообразован е, вработен и релативно млад човек, кој допрва треба да оформи семејство.

Како единствена отежителна околност Фетаи го наведе тоа што тој со учествата во насилствата испратил порака дека со насилство може да се спречи демократското функционирање на институциите, што имало свои последици и во настаните од 27 април годинава во Собранието./Meta

Слични содржини