Талат за утре во 12 часот закажа седница: Собранието ќе гласа за одземање на имунитетите на пратениците

од desk4
83 прегледи

Пленарната седница на Собранието на која ќе се расправа за одземање на имунитетот на пратениците е закажана за утре напладне.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери седницата ја закажа откако денеска Комисијата за мандатно-имунитетни прашања го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот шестмината пратеници.

Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања едногласно, со пет гласа „за“ и без воздржани или против, го одобри барањето на судот и донесе заклучок да му предложи на Собранието да им се одземе имунитетот на пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска.

На комисиската расправа не присуствуваа членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и Тарчуловски и Мукоски, кои, исто така, се дел од ова собраниско тело.

Расправата за одлучување по оваа точка траеше кратко и единствен што се пријави за збор беше пратеникот од владејачкото мнозинство, Александар Кирацовски, кој рече дека насилството во Собранието на 27 април било напад врз демократијата и претставувало обид да се загрози животот на пратениците.

– Институциите имаат обврска и должност да го расветлат случајот докрај, за правдата да излезе на виделина и за ова никогаш да не се повтори. Ситуацијата е многу чиста, фактите се јасни, аргументите се поголеми од сите нас. Законот мора да важи за сите, па дури и за пратениците. Владејачкото мнозинство ќе гласа за овој предлог – рече Кирацовски.

 

МВР, по налог на Основното јавно обвинителство, завчера приведе 36 лица, поради насилствата во Собранието од 27 април годинава. Меѓу приведените се и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, Игор Дурловски и Богдан Илиевски. Сите се товарат за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста. Судот на дел од приведените им одреди 30-дневен притвор, а на дел куќен притвор.

Слични содржини