(ВИДЕО) Богдановиќ: Одлуките ќе ги носиме заедно со жителите на Центар

од Vladimir Zorba
297 прегледи

Ќе тропнеме на секоја врата и ќе го посетиме секое маало во Центар за да ви ги понудиме нашите предлози и решенија за конкректните проблеми, со цел сограѓаните да ја чујат нашата визија за општината, истакна денеска кандидатот на СДСМ за градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ на свеченоста во хотелот „Холидеј Ин“ со која ја почна изборната кампања за престојните локални избори на 15 октомври.

– Со цел да ја направиме Општината подобро место за живеење за сите нас, ќе ги запреме неконтролираните градежни активности, ќе направиме ревизија на сите постоечки детаљни урбанистички планови, а сите нови ќе бидат изготвувани по претходно извршени теренски проверки на фактичката состојба. Ќе градиме по план, со цел да ја запреме градежната мафија, рече Богдановиќ.

Тој посочи дека во програмата се опфатени проекти и решенија за сите граѓани, најмладите, децата и учениците, пензионерите и социјално загрозените категории на граѓани. Најави дека ќе ги заврши сите позитивни проекти што се почнати, како изградбата на новото основно училиште во Капиштец и ќе ги обнови и модернизира и другите деветолетки на територијата на Центар за да се овозможи квалитетно образование на учениците.

Ќе бидат реконструирани и постоечките детски градинки, а предвидена е изградба на нова во Маџир Маало.

– Ќе го решиме и еден од најголемите проблеми со кој општината се соочува, а тоа се паркиралиштата. Ќе го продолжиме и проектот „Цел Центар на точак“ за субвенционирање на велосипеди, порача Богдановиќ.

Во врска со заштитата на околината и подобрувањето на квалитетот на животот, Богдановиќ најави дека ќе продолжи зазеленувањето на сите слободни површини, подигањето на нови и заштитата на постојните паркови, кои ќе бидат збогатени со најсовремена урбана опрема и модерни детски игралишта.

Во врска со екологијата и обновливите извори на енерегија, посочи дека Центар ќе го замени постојното улично осветление со енергетско-ефикасни ЛЕД светилки.

Богдановиќ го престави и тимот со кој, како што рече, ќе работи во наредниот период за подобар живот во општина Центар.

Слични содржини