Вмровци во егзил: По чија желба или стратегија ВМРО-ДПМНЕ замина во егзил

од Vladimir Zorba

По чија желба или чија стратегија ВМРО-ДПМНЕ замина во егзил, во кој самото се прогонува, подготвено е да се скара со сите, и дома и надвор, и да очекува граѓаните на избори да го поддржат овој беспричински нихилизам, прашува DW.

Прашање од два долари е кој ги креира сега политиките во ВМРО-ДПМНЕ. Таква конфузија во ставовите, во изјавите, во концепциите, во перцепциите на настаните што се случуваат со неверојатна динамика во и околу Македонија, се чини дека немало ниту на првиот ден од нејзиното основање, кога партијата не беше ниту во флуидна фаза. Главниот идеолог, кој наводно бил алфа и омега на начинот на презентирањето на политиките на партијата во јавноста, сега, според изјавите на неговите адвокати, се лечел во некоја болница во Будимпешта (остана тајна од што бил болен), па е понастрана од креирањето на стратегиите. Во јавноста ги нема ни три-четворицата главни поранешни министри и силни луѓе во врвот на партијата, па оние што останаа треба да ја одржат ВМРО-ДПМНЕ во живот, но на погрешен начин. Ги нема и оние професори кои го кроеја демохристијанскиот штоф на конзервативната партија за да ѝ дадат идеолошка платформа.
Илија Димовски е добар пратеник, извежбан собраниски полемичар, кој знае да поентира над политичките ривали, но дали е тој креаторот на партиската политика? Дали е тоа Антонио Милошоски, единствената цврста нишка на врвот на ова ВМРО со она на Љупчо Георгиевски (се разбира, тука е Никола Груевски, тој е свилениот конец, кој некогаш и не се гледа), кој со годините се радикализира на чуден начин. Или зад целиот овој концептуален нихилизам на сето она што не е поврзано со ВМРО-ДПМНЕ стои само Груевски? Нормално дека и нихилизмот е дел од политичката битка, но да одбиваш да ги признаеш настаните што се случуваат околу тебе и да ги перцепираш како илузија, како фатаморгана, е сериозен проблем за една голема партија. Во основата на таа илузија е верувањето дека оваа влада е само мала драмска пауза во враќањето на политичката сцена на главните ликови од пред неколку години. Таа заблуда се мултиплицира од ден на ден (сетете се на изјавата на Груевски дека тој планирал да се врати на власт, а не да бега од судењата).

Заблудите од седиштето на култот

Привремениот врв на оваа заблуда е односот кон Договорот за добрососедство со Бугарија. Партијата соопшти дека „Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и покрај големата желба и искрена волја“ нема да го поддржи договорот со Бугарија, затоа што не веднаш туку „по повеќе години од неговото потпишување Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми“ и не сака да ја споделува со СДСМ одговорноста пред граѓаните. Објаснувајќи зошто се против договорот во стилот „сакам- кажам не знам-речам“, вмровскиот врв ја загуби поентата. Погледнете го само соопштението на партијата за средбата меѓу Никола Груевски и Бојко Борисов (вмровскиот лидер сѐ уште разговара со гостите, без оглед кои и да се, седнат на чело на масата, а другите се подолу, лево од него, како да дошле на реферирање кај водач на некој култ): „Претседателот Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во однос на Договорот за добрососедство има принципиелни, долгогодишни и аргументирани ставови, чија основа идеја беше постигнување договор во кој нема да има чувство на победник и поразен… Тој го извести својот соговорник дека согласно ставот на ЦК на партијата, ВМРО-ДПМНЕ нема да даде поддршка на договорот кој го потпиша марионетската влада на Зоран Заев“. Како што прилега за еден водач на култ, премиерот на Бугарија е „соговорник“ – а што би бил друго.
Додека од САД, Европската Унија, НАТО, Германија, Велика Британија, Франција стигнуваа изјави дека „овој договор ја покажува одлучноста на двете страни за надминување на билатералните прашања и претставува инспирација за целиот регион“, кога американскиот потпретседател Мајк Пенс во Подгорица му рекол на Зоран Заев дека „ставот на претседателот на САД, Доналд Трамп, е дека САД стојат зад Македонија и регионот во определбите за интеграција во НАТО“ и дека за САД се од „големо значење демократските процеси и борбата против корупцијата, како и слободните медиуми, витализирањето на граѓанското општество и доброто управување“, и дека на работата на Заев гледаат „како на позитивна ерегија и ентузијазам во согласност со потребите на регионот за нова генерација лидери ослободени од минатото, кои гледаат во иднината на своите граѓани и својата земја“, ВМРО-ДПМНЕ ја засилува песната од верглот за „марионетска влада“. И уште најавува дека кога ќе дојделе на власт, ќе го ревидирале договорот со Бугарија.
Дури и претседателот на државата, Ѓорге Иванов, по средбата со Борисов соопшти дека „со овој чин се потврдува политичката волја и заложба на двете држави за преземањето натамошни чекори кон градење меѓусебна доверба и надминување на отворените прашања“. Како тој да не влезе во претседателската резиденција директно од вмровските колони.

Целиот текст можете да го прочитате тука

Слични содржини