Русија го презема огромни финансиски и воени трошоци, за да го крепи Асад, иако со тоа сама си штети. Зошто и е сето тоа? Зарем Москва не сфаќа дека повлекува ѓаволот за опашката, прашува DW.
Кои се вистинските цели кои Русија ги гони во Сирија? На ова прашање се давани многу одговори, откако пред пет години претседателот Владимир Путин застана на страната на Башар Асад. И уште повеќе, откако пред една година Москва интервенира со воздушни напади во Сирија. Но ниту еден одговор не може да даде задоволително објаснување на прашањето зошто Русија презема толку огромни финансиски, воени и дипломатски трошоци, за да го крепи Асад.
Постојат само претпоставки: на пример, дека Путин сака да задржи единствен пристап до Средоземното Море во сириското пристаниште Тартус. Или да покаже дека се спротивставува на сите бунтови и немири во граѓанското општество, сеедно каде се јавуваат тие. А можеби поддршката на Путин за Асад си постави за цел да упати предупредувачки сигнал и кон руската опозиција. Путин несомнено покажува и тоа дека не сака да биде доведено во прашање формалниот општествено-политички поредок во една земја, ниту “легално избраниот нејзиниот претседател”, како што тој го нарекува Асад. Во други обиди за објаснување пак се истакнува тоа дека Путин се стреми кон политичка стабилност на Блискиот Исток, демонстрирајќи ја сојузничката верност кон Асад. Русија си постави за цел и да го спречи пренесувањето на џихадистите од Сирија кон Русија и соседните држави. И, можеби, најважното: Путин сака да го прероди имиџот на Русија како голема сила.
Во текот на годините се наметна главно последното толкување, имено дека Путин сака Русија да ја изедначуваат со последната останата суперсила во светот – САД. Москва всушност не е заинтересирана за Сирија, пишува политичкиот аналитичар и есеист Залама Кила во дневниот весник “Ал Араби ал Џадијд”: “Русија има потреба од Сирија како симбол за земја која во реалноста веќе не постои. Политичките цели на кои се повикува Русија , одамна веќе се неважечки – претежно барањето да се задржи Сирија како обединета држава. Имаме ли во Сирија сеуште силна и стабилна држава, која може да се надева дека ќе постои и во иднина? сигурно – не “, нагласува Кила .
Руски бомби против цивилите
Пред една година Русија започна воздушните напади во Сирија. Тие беа и продолжуваат да се насочени против сите кои владите во Москва и Дамаск ги сметаат за терористи. Според Асад, терористи се сите опозициски сили. Ако се суди според масивните воздушни напади, Москва јавно ја согледува оваа дефиниција. Според податоците на Сирискиот центар за набљудување на човековите права само руските бомбардирања одзеле животот на 9500 лица, 3800 цивили и 900 деца. Центарот е поврзан со секуларната опозиција, а нивните информации, засновани на информациска мрежа во самата Сирија, се сметаат за автентични.
Руската интервенција во војната беше остро критикувана од западните земји – вклучувајќи од Германија. Пратеникот на партијата на Зелените Омид Нурипур ги оцени во интервју за Дојчландфунк руските дејства како “воено злосторство”: “Кој фрла противобункерски бомби врз станбени згради, врши воени злосторства”, истакна тој.
Нурипур ги обвини владите во Дамаск и Москва за тоа дека со бескруполозна суровост гомбардираат делови од Алепо. “Воздушниот простор над градот е целосно под контрола на сириските и руски воени сили. А тие фрлаат бомби врз станбени квартови со една брутална суровост, каква што не сме виделе во последните пет и пол години, и покрај тоа што во нив видовме какви ли не ужасни работи” наведува пратеникот.
Колебливостта на Вашингтон
И по неуспешното последно примирје Русија продолжи со ударите против бунтовниците. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги заштити овие активности во интервју за BBC, велејќи дека Москва била принудена да ги продолжи воздушните напади. Спротивно на ветувањата, САД не правеле разлика меѓу умерени и крајни бунтовници. Освен тоа од прекинот на огнот искористија само екстремистите. “Фронт ал Нусра” го користи секое од наметнатите примирје, за да внесе во Сирија уште повеќе борци, уште повеќе муниција и уште повеќе оружје “, аргументира Лавров.
Според рускиот министер за надворешни работи, курсот на САД е нејасен и колеблив. Вашингтон изгубил контрола врз ситуацијата. Аргументот е политички разбирлив, коментира BBC: “САД не нудат друга алтернатива, освен онаа на министерот за надворешни работи Џон Кери за соработка со Русија. Тие немаат сигурен план Б.”
Отворено останува прашањето каде ќе доведе конечно рускиот курс. Трошоците за војната се огромни и цената ја плаќа руското население, тврди експертот за безбедност и проблемите на Блискиот Исток Филип Гордон од Советот за надворешни односи во Вашингтон. По пет години војна и смртта на над 100 000 владини војници Асад нема да може да ја врати контролата над целата сириска територија, дури и да успее да го заземе повторно Алепо. “По сето ова смртоносно насилство Сирија сепак останува главно сунитска страна и многу сунити ќе продолжат да се борат против алевитскиот режим на Асад поддржани и вооружувани од Саудиска Арабија, Турција и Катар”. За Русија може да стане опасно, предупредува уште Гордон и пишува: “Тоа што со воздушните напади Путин масовно убива цивили во Сирија, тој всушност може да го предизвика гневот на муслиманите и да ги турне кон терористички напади и против Русија”.