Заев за името: „Од она што јас го знам, преку разговори со високи претставници на ВМРО – ДПМНЕ во Парламентот, сосема сум задоволен од нивниот однос кон ова прашање“.
Ви пренесуваме дел од интервјуто на „Капитал“ со премиерот Зоран Заев, што се однесува на надворешната политика.
Премиерот Зоран Заев во ексклузивно интервју за „Капитал“ открива дека проблемот за името планираат да го решаваат заедно со опозицијата, од каде што очекуваат поддршка за кон овој спор да се настапи конструктивно, а не да се одолговлекува и намерно да се кочи. На прашањето – како можат да очекуваат поддршка од ВМРО – ДПМНЕ кога нивната реторика е полна со обвинувања за државни предавници, Заев вели: „Од она што јас го знам, преку разговори со високи претставници на ВМРО – ДПМНЕ во Парламентот, сосема сум задоволен од нивниот однос кон ова прашање“.
Премиерот, сепак потенцира дека нема никакви информации што може да ги сподели со јавноста во моментот во однос на некакво конкретно решение или, пак, некоја временска рамка: „Во процесот на разговори влегуваме за да најдеме, а не за да избегаме од решение, но, се разбира со став да ја зачуваме гордоста“, вели тој. Се очекува во декември и средбата на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите, но Заев јасно потенцира дека оптимизмот го темели на енергијата што доаѓа од Атина, за којашто вели дека не била никогаш поповолна, и секако, на отвореноста на македонската Влада кон соседите и градењето на една нова, пријателска релација каде што има простор само за развој и перспективи.
Како ви се додели таа улога на регионален лидер во едни интересни времиња на поместување на балканските процеси?
Никој не може да додели таква улога, во прашање е и карактерот на личностите, но и потребите на државата на ова поле, на коешто ние силно се посветивме. Македонија беше силно изолирана, скарана со соседите, затворена во ретроградни политики, а сега да, блескаме во очите на Европа, тоа не се мои или Ваши зборови, тоа го вели регионот. Ние сосема се отворивме кон соседите и нашите пријатели и очекуваме силна поддршка. За полноправно членство во ЕУ јасно е дека треба време, но ние сакаме да ја поттикнеме Унијата одлуката за почеток на преговори да биде поскоро со тоа што ќе ја донесеме ЕУ тука. Како? Преку градење на пријателства. За нас тие интеграции се повеќе од важни, тие се можеби и првиот услов за економски развој, ние немаме друга алтернатива. Ако успееме со брзо темпо да го дигаме стандардот на граѓаните, ЕУ е тука. Кога велиме стандард, обично мислиме на економскиот, но стандардот се гледа и преку состојбите во правосудството, слободата на медиумите, сервисните капацитети на администрацијата. Ваквите политики на подадени раце со државите можат да донесат само добро на Македонија.
На Македонија, но дали и на Вашата Влада? Гледаме дека политичките противници ова ваше отворање кон соседите го користат за напади за национално предавство.
Изгустирана е таа работа. Надмината. Од 2013 година, кога станав лидер на опозицијата јас сум главниот предавник во државата, со билборди за предавството на Заев, за свитканата кичма, па тирански платформи, мигранти, закон за јазици, Договор со Бугарија… И што се случи? Граѓаните ги наградија овие политики на изборите. Народот размислува храбро, отворено и пријателски и така и јас ги водам политиките. Во ваква атмосфера може да имаме само придобивки. Граѓаните се свесни, сакаат да бидат граѓани на една модерна земја, интегрирана со демократскиот свет, каде што ќе водиме бизнис, ќе имаме алтернативи за работа, тие ќе имаат желба овде да живеат, тука да создаваат. Верувајте дека сосема сум растоварен од дилема дали со ова ќе зајакне опозицијата, дали ќе изгубам мнозинство во Парламентот… Важно е да ги следиме чувствата што не’ водат како лидери, што ги имаме во градите, визијата за земјата и одговорот на прашањето – дали ќе направиме нешто добро за народот. Владите доаѓаат и си заминуваат, свесен сум. Но, интеграциите ќе создадат клима и за зајакнување на демократијата, за силно позиционирање на Парламентот на пример. Парламентот мора да е главен, не Владата. И нам нема да ни падне круната од глава ако пратениците некогаш се спротивстават на некоја наша идеја. Напротив, тоа е здраво. Да падне некој закон, дури и Буџет да не помине. Тука сме за заедно да работиме. Тоа е вистинска демократија и европските вредности што ги сакаме.
Ние што го следиме спорот за името подолго време знаеме дека вакви бранови на оптимизам се појавувале и претходно…
Баш вакви?
Да, во право сте, тоа всушност Вие треба да ми кажете, јас детали не знам. Значи ли ова дека сега има нешто конкретно?
Не, нема ништо конкректно. Во декември е состанокот на медијаторот Нимиц со преговарачите. Ние ќе влеземе во овој процес на разговори за да бараме решение, а притоа да ја сочуваме нашата гордост. Знам дека и на Грците не им е лесно и таму има политичка цена којашто треба да се плати, но знам дека атмосферата и енергијата од Атина не била никогаш поповолна и тоа е причина за оптимизам. Не се плашиме дали ќе изгубиме на избори, напротив одам со една друга мисла дека граѓаните ќе препознаат и дури ќе наградат ваква политика. Еве, со Бугарија тоа ни се случи, го споделувам тоа чувство, Договорот успеа. Политичарите се минлива категорија, важно е што земјите ќе отидат напред, а отворените прашања ќе бидат надминати. Затворање на прашањето со Грција за нас значи само перспектива, членството во НАТО значи сигурност, стабилност, но и економски развој. Свесни сме за сето ова и заедно со опозицијата имаме намера да го решаваме ова прашање, наместо истото да се одложува и блокира.
Како очекувате поддршка од опозицијата кога ќе бидете дочекани на нож за ова прашање? ВМРО – ДПМНЕ не престанува со реториката за предавници.
Од она што јас го знам, во разговорите низ Парламентот со високи претставници на ВМРО – ДПМНЕ можам да кажам дека сум задоволен во поглед на нивното позиционирање за конкретното прашање.
——————————————————————————————
Создаваме преговарачки тим за спорот за името
Како тоа сѐ уште му верувате на Васко Наумовски?
Наумовски има искуство, сакаме тоа да го искористиме и да го зајакнеме. Правиме планови со претседателот Ѓорѓе Иванов да создадеме еден преговарачки тим, на Васко да му се приклучат уште еден или двајца преговарачи. Во секој случај, кога ќе дојде време за конечно решение, главната улога сигурно нема да ја имаат преговарачите, туку министерот за надворешни работи, премиерот, претседателот, државниот врв.
Целото интервју и одговорите на премиерот на прашањата поврзани со економијата, новите владини проекти, балансирањето на потребите на бизнис заедницата и јавната администрација, но и неговите ставови за многу други теми, можете да ги прочитате во печатеното издание на магазинот „Капитал“.