Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, синоќа на митингот во Гевгелија порача дека оваа општина може да стане европска бидејќи е портата на нашата европска Македонија. Според Заев, во општината никогаш повеќе нема да се гради како ќе му текне на градоначалникот, а ќе се гради без урбан хаос, без провизии и во договор со граѓаните.
„Гевгелија сè уште не може да каже дека има чиста вода за пиење. Иван Франгов осум години лажеше дека ќе обезбеди“, рече Заев додавајќи дека вода не можело да се обезбеди, но хациенда за градоначалникот – да, така што таа е главна атракција сега, а не казиното „Фламинго“.
„Ни требаат и казина, секако, но нема трајна иднина за општината без производство, без земјоделство, без откупни пунктови“, порача Заев барајќи од граѓаните да гласаат за кандидатот за градоначалник Сашо Поцков за да им се смени животот во општината.
Претходно тој ги наброи сите постигнувања на СДСМ досега, од заштедата на 45 милиони евра со кратење на луксузирањата во буџетот, што, според него, се седум годишни буџети на Гевгелија. Ги спомена зголемувањето на минималната плата, воведувањето евтина тарифа на струјата, што им заштедила осум милиони евра на граѓаните, трајното решавање на проблемот на стечајците и укинувањето на радиодифузната такса, порачувајќи дека никогаш повеќе сметките нема да им бидат блокирани зошто не платиле за неа. „Нема веќе 144 денари за кубен метар јаглен, сега е 44 денари“, го илустрира Заев домаќинското и одговорно работење на СДСМ.
Карванот на СДСМ ги поздрави и богданчани
Низ светот имаме многу пријатели кои и сакаат добро на Македонија но од нас зависат работите. Затоа ве повикувам, гласајќи за кандидатот Блашко Шапов и оваа советничка листа, да гласаме за конечност на промените што ќе донесат живот и еднаквост за сите во општините во Македонија, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Богданци.
Заев на вториот ден од изборната кампања предочи дека општините се многу важни за секојдневниот живот на граѓаните. Сподели искуство како со домаќинско управување, општината може да нема ни денар долг, туку напротив да биде напредна според граѓанските интереси.
– Општините се многу важни, од искуство говорам, под општините се градинки, училишта, комунални претпријатија, социјални центри. Од интерес на секој граѓанин е правилно да одлучи за кого ќе гласа и за каква општина ќе гласа, порача Заев.
Претседателот на СДСМ, Заев се обврза на современи и развиени општини за сите граѓани, во коишто здравјето на граѓаните и нивните потреби ќе бидат врвен приоритет.
-Ќе работиме на вистински локален развој, на вистински домашни и странски инвестиции, на вистински и квалитетни работни места што ќе даваат вистински и достоинствени плати. Да обезбедиме перспективи за сегашните и за идните генерации. Во име на иднината на Богданци и на иднината на Македонија, ве повикувам заокружете го бројот 19 на локалните избори на 15 октомври, порача претседателот на СДСМ, Зоран Заев на митингот во Богданци.