Жерновски се повлече од трката за Центар, ВМРО-ДПМНЕ во Скопје со Коце Трајановски

од Vladimir Zorba

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски се откажа од независната кандидатура за нов мандат поради учество во централната власт.

Од Либерално демократската партија, каде беше лидер, тој премина во владејачката СДСМ, со образложение дека веќе подолго време нема контакт со довчерашните сопартијци.

„Овој мандат нема да го заборавам, беше се, само не обичен, исполнет со уцени, закани и турбуленции и разговаравме да земам учество во централната власт и да помогнам со моето искуство.“ – вели Андреј Жерновски.

Партиски извори на Телевизија 24 брифираат дека кандидат за градоначалник за општина Центар ќе биде досегашниот директор на Паркинзи општина Центар и претседател на општинската организација на СДСМ во Центар, Саша Богдановиќ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, се уште нема официјален кандидат за општина Центар, но најсериозни кандидати се советникот Томислав Лазаров и пратеничката Даниела Рангелова.

Извори од БЕСА на Телевизија 24 велат дека официјално довербата на тетовчани ќе ја бара лидерот на партијата, Билал Касами.

Од партијата велат дека ќе имаат и кандидат за градоначалник на Град Скопје, но се уште не се знае кој ќе ја бара довербата на скопјани.

Официјално, против кандидат на Петре Шилегов ќе биде актуелниот градоначалник на Град Скопје, Коце Трајановски. Кандидати за градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат актуелните градоначалници на Гази Баба и Росоман, Тони Трајковски и Стојанче Лазов, а за Дебар е предложен докторот Драган Колпчески.

Предизборни коалиции СДСМ и ДУИ прават за неколку општини. Од партиите не прецизираат за кои општини е разговарано, но велат дека разговорите одат во добра насока. Неофицијално, ДУИ ќе ја поддржи кандидатурата на Петре Шилегов во Град Скопје, а во замена СДСМ да не предложи кандидати во Чаир, Тетово и Гостивар.

Додека продолжуваат партиските комбинаторики, газат роковите за доставување на кандидатките листи до Државната изборна комисија. Партиите своите листи со кандидати за градоначалници и кандидати за советници треба да ги достават најдоцна до утре до полноќ, но никој не го сторил тоа. Освен партиските предлози, на овие локални избори довербата од граѓаните ќе ја бараат 27 независни кандидати во 22 општини.

Слични содржини