Францускиот премиер Габриел Атал денеска изјави дека саботажата што ги погоди клучните делови на француската железничка мрежа пред Олимписките игри имала „јасна цел – да ја блокира мрежата на брзи возови“.
Тој рече дека „вандалите“ стратешки ги нападнале главните рути од север, исток и запад кон Париз, неколку часа пред свеченото отворање на Олимпијадата.
Зборувајќи со новинарите, Атал рече дека ќе има „огромни последици“ бидејќи стотици илјади луѓе се блокирани обидувајќи се да стигнат до Париз.
Железничкиот оператор „Евростар“ денеска ги советуваше клиентите да ги одложат патувањата доколку е можно, откако железничките линии меѓу Лондон и Париз беа оштетени од вандализам во Франција.
Претходно, компанијата соопшти дека „координираните злонамерни дејствија во Франција“ прекинаа дел од железничкиот сообраќај, а возовите од и до Париз мораа да користат побавни рути.
Германскиот железнички оператор „Дојче Бан“, исто така, предупреди на прекин на железничката мрежа и побара од патниците однапред да го проверат статусот на нивните возови.
Поради штета предизвикана од вандализам, услугите на „Дојче Бан“ помеѓу Франција и Германија може да бидат откажани или одложени на краток рок, се наведува во соопштението на германскиот железнички оператор