🎥 Вучиќ по изборите со јагоди и цреши повикува на дијалог: „Сите направивме грешки“

од Љубиша Владимиров
9 прегледи

По локалните избори одржани вчера во српските градови Заечар и Косјериќ, и владејачката Српска напредна партија (СНС) на Александар Вучиќ и опозициските партии прогласија победа. Во ново видео-обраќање објавено денеска на Инстаграм, претседателот Вучиќ, од терасата на зградата на Претседателството, испрати порака за смирување на тензиите и повик за дијалог.

„Би било добро дури и ако другата страна не сака да разговара, бидејќи луѓето ќе разберат кој сака дијалог, а кој не“, рече Вучиќ, седејќи пред маса на која беа поставени чинии со свежи јагоди и цреши.

Претседателот истакна дека е време сите страни да почнат да разговараат на сите нивоа, со цел да се најдат решенија во интерес на граѓаните. „Ги повикувам сите што размислуваат поинаку да започнеме разговори и да се договориме“, порача тој.

Осврнувајќи се на изборите, Вучиќ рече дека тие означуваат крај на „многу месеци терор на улиците, незаконско однесување и потиснување на правата и слободите“. Тој ги повика граѓаните, без разлика на политичката припадност, да се фокусираат на иднината на Србија и на заедничката цел – подобар живот за сите.

„Сите направивме грешки, и јас, и другите“, призна Вучиќ, додавајќи дека по изборите, премногу се зборува за партиски резултати, успеси и неуспеси, а премалку за граѓаните.

„Овие прекрасни јагоди и цреши се од Србија. Нека бидат симбол на нов почеток – на разговор, соработка и иднина во која сите ќе работиме заедно“, заврши Вучиќ.

Останува да се види дали неговиот повик за дијалог ќе наиде на одговор и од опозициските сили, кои исто така тврдат дека се победници на вчерашните избори.

Слични содржини