Регулаторната комисија за енергетика ја донесе најновата одлука со која ќе поскапат горивата од полноќ, па оттаму голем дел од граѓаните поитаа кон бензиските пумпи со цел да ги наполнат резервоарите на своите возила. Во текот на денот на повеќе пумпи во Скопје можеа да се забележат колони од возила и подолго чекање во редици. Таква е сликата и со една од бензиските во центарот на главниот град која ја забележа редакцијата на „Локално“.
Дизелот поскапува за 14,5 денари, а бензинот за 5 денари, согласно новата одлука за највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горивата за транспорт во државата.
Според новиот ценовник, дизел горивото (ЕУРОДИЗЕЛ БС) ќе се продава по 85,50 денари за литар, додека цената на најкористениот моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС-95 е утврдена на 79,50 денари за литар.
Цената на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе изнесува 81,50 денари за литар. Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе се продава по 82,50 денари за литар, додека мазутот М-1 НС ќе чини 42,586 денари за килограм.
Под претпоставка дека просечниот резервоар на патнички автомобил собира околу 40 до 60 литри гориво, трошокот за полнење значително ќе се зголеми. Така, за 50 литри еуродизел од полноќ ќе треба да се издвојат 4.275 денари, односно 725 денари повеќе отколку доколку истиот резервоар се наполни денеска пред да стапат на сила новите цени.
За автомобилите со бензински мотори, односно што трошат Еуросупер 98, полн резервоар со новите цени ќе чини 4.075 денари или за 250 денари повеќе.
Државните нафтени резерви се на историско највисоко ниво доволни за 62 дена, така што граѓаните треба да бидат спокојни дека на пазарот ќе има оптимални количества на нафтени деривати, рече пред два дена премиерот Христијан Мицкоски на прашањето колку земјата е подготвена за енергетската криза во контекст настаните на Блискиот Исток.
Фото и видео: Локално