🎥Вучиќ ја повика Грција да се воздржи при гласањето за резолуцијата за Сребреница

од Nikola Popovski
850 прегледи

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ синоќа од Њујорк ги повика „грчките пријатели“ да се воздржат од гласање за резолуцијата за Сребреница, за која ќе се расправа во Генералното собрание на ОН, а за која Србија смета дека ќе донесе раздор во регионот.

Во аудио-обраќање преку Инстаграм, Вучиќ порача дека во Њујорк српската делегација напорно работи да укаже на последиците од ваквата резолуција и дека има многу пријатели, но дека на многумина им е тешко и дека се под голем притисок. Тој истакна дека се појавиле вести дека Грците сигурно ќе гласаат за резолуцијата.

„Јас не верувам во тоа, верувам во нашите грчки пријатели, верувам во нашите браќа Грци и верувам во многу други дека со својот глас ќе покажат колку ги почитуваат своите српски пријатели и ги повикувам да бидат воздржани. Знам дека не можат да бидат против“, вели Вучиќ.

Тој им се заблагодарил на сите во Србија за огромната поддршка и ги повикал сите пријатели на Србија ширум светот „уште еднаш да го кренат својот глас во одбрана на слободарските мали народи кои немаат поголема заштита од Генералното собрание на ОН“.

Вучиќ вчера пред новинарите во Њујорк изјавил дека очекува помалку од 100 земји да гласаат на Генералното собрание на ОН за усвојување на резолуцијата за Сребреница, но и дека Србија нема шанси да се избори за свој став.

„Разговарав со нашите пријатели, тие ми рекоа дека очекуваат 100 гласа „за“ од 193 земји. Очекуваме помалку од 100 гласа, сè под 100 гласови ќе значи огромна поделба, бидејќи добар дел од муслиманските земји, кои се плашат, нема да бидат влезат на гласањето“, изјави Вучиќ за „РТС“ од САД.

Слични содржини