📊Рударското „СРЕЌНО“ не им помогна на поголем број од рудниците во 2023-та: Драстично намалена добивката во однос на годината претходно

од Vladimir Zorba
158 прегледи

Вкупната добивка на најголемите пет рударски компании во 2023 г. е намалена за дури 22 милиони евра во однос на претходната година. Според податоците на БизнисМрежа мк. профитот единствено успеале да го зголемат Бучим ДООЕЛ и тоа за 36.96% и Боров Дол за 31,29%, што се особено впечатливи резултати ако се има предвид дека се постигнати во услови на намалени приходи,но и расходи.

И покрај големиот пад на нето добивката, рекордер во однос на остварена добивка останува рудникот за олово и цинк Саса. Со профит од 17,5 милиони евра во 2023 г. тој е прв меѓу најголемите рударски компании, но споредбено со 2022 г. кога заработил 40,4 милиони евра, забележлив е падот од дури 56,74%. Кај САСА се намалени и приходите, односно тие во 2022 година изнесувале 119,78 милиони евра, а веќе следната 2023 г. тие паднале на 95.117 милиони евра. Од друга страна, расходите останале на приближно исто ниво, односно во 2022 г. изнесувале 74,32 милиони евра, а во 2023 г. – 74,36 милиони евра.

Мермерниот комбинат АД Прилеп останува на второто место во однос на остварената добивка иако и кај него се забележува извесно намалување ( 1,91%), но во далеку помал процент од САСА. Остварил профит од 13,71 милиони евра кој е за околу 260.000 евра помал од 2022 година. На рудникот му се за 3,32% намалени и приходите кои во 2023 г. изнесувале 29,77 милиони евра, но менаџментот успеал да ги намали расходите за 3,65% , односно тие во 2022 г. изнесувале 15,41 милиони евра, а годината потоа 14,85 милиони евра.

Позицијата од претходната година ја задржа и рудникот Боров дол, инаку современ рудник за површинска експлоатација на бакарна руда. кој од друга страна, за разлика од претходните две рударски компании, лани ги надмина резултатите остварени во 2022 г. Неговата нето добивка изнесуваше 7,68 милиони евра, и е за 1,83 милион евра поголема од остварената во 2022 г. Приходите му се намалени за 3,96%, но затоа има и намалување на расходите , и тоа за 7.90%, односно во 2023 тие изнесувале 54,9 милиони евра, а во годината претходно 59,6 милиони евра.

Зголемување на нето добивката бележи и рудникот за злато и бакар Бучим ДООЕЛ Радовиш кој 2023 ја завршил со речиси 5,2 милиони евра во плус, или за 36.96% повеќе од претходната кога заработил 3,8 милиони евра. Намалување има кај приходите и тоа за 16,73%, но и кај расходите кои во 2023 г. биле за 8,97 милиони евра помали од оние во 2022 година.

Рудникот за олово и цинк Булмак 2016 ДООЕЛ – Пробиштип е последен на листата на ТОП 5 со нето добивка од 2,16 милиони евра што е за дури 49.67 % помалку од 2022 година кога заработил 4,28 милиони евра. Намалување има и кај приходите, и тоа за 8,83%, додека пак расходите се наприближно исто ниво, односно во 2022 г. тие изнесувале 30.90 милиони евра, а следната година 30,13 милиони евра.

К.В.С.

 

Слични содржини