Спортскиот новинар од Косово, Арлинд Садику, кој ги провоцираше српските навивачи покажувајќи со рацете двоглав орел, како и суспендираниот играч за врска на Албанија, Мирлинд Даку, се фотографираа заедно.
Имено, по натпреварот против Хрватска, Даку заедно со албанските навивачи скандираше погрдни зборови кон македонскиот народ, при што во очекување е на дисциплинска мерка од УЕФА. Од друга страна, новинарот од Косово остана без акредитацијата, но не се откажува од следење на Европското првенство.
Садику се фотографирал со својот сонародник и објавил:
– Сите грешат, но и покрај тоа, никогаш не понижувајте го вашиот човек пред странците! Со овој дрес ќе навивам против Шпанија. Напред Албанија, напишал тој на социјалната мрежа „Инстаграм“.
View this post on Instagram
Даку се извини за непримерниот гест кога ги навреди Македонците, иако не посочи конкретно кон кого е упатено извинувањето. Тој се соочува и со казна од својот клуб каде што настапува, руски Рубин од Казан.
Неговиот татко Фехми Даку го правдаше синот:
-Како што пишуваат медиумите, мојот син не кажал такви работи. Мирлинд е само емотивна и експлозивна личност. Тоа го направил ненамерно и веќе побарал прошка од оние кои биле повредени поради тоа. Ќе ни биде многу тешко ако Мирлинд биде дисквалификуван, но не верувам дека тоа ќе се случи, рекол меѓу другото постариот Даку во изјава за руските медиуми.
Со реакција се јави и Албанската фудбалска федерација, која, разбирливо, го брани својот фудбалер и сака да ја минимизира штетата.
-Албанската фудбалска федерација го признава неодамнешниот инцидент со нашиот фудбалер Мирлинд Даку, кој се случи по натпреварот на ЕП 2024 меѓу Албанија и Хрватска. Разбираме дека во жарот на спортските натпреварувања емоциите растат, постапките на Мирлинд беа жална реакција на една исклучително напната ситуација. Мирлинд Даку веќе изрази длабоко каење за своите постапки и упати јавно извинување. Тој ги разбира последиците од неговото однесување и ја презеде целосната одговорност. Овој инцидент не го одразува неговиот карактер или вредностите до кои ние како федерација се придржуваме, стои во реакцијата на Албанската фудбалска федерација.
Фото: Sergei Mikhailichenko / Zuma Press / Profimedia