📸 Галерија: Ѓубре „плива“ насекаде низ Кисела Вода, никој не собира

од Илинка Илиоска
337 прегледи

Голем кабаст отпад, полни контејнери, ве-це школки, расфрлани кутии, шишиња и партали низ парковите, но и липсани животни, скршени стакла по пешачките патеки и медицински отпад „пливаат“ низ скопската општина Кисела Вода, преполни се дури и малите канти за ситен отпад.

За нечистотијата со која секојдневно се соочуваат, револтирани жители испратија фотографии до редакцијата на Локално.мк

„Змии секако знаеме дека има, но ако е вака нечисто уште малку и крокодили ќе почнат да се шетаат тука“, велат соговорниците на Локално.

Тие додаваат дека за одржување на чистотата во парковите во чија близина има и игралишта за деца, спортски терен за тенис,а тука е и Домот за слепи лица, задолжени се три претпријатија. Односно, тие што треба да чистат се ЈП Комунална хигиена-Скопје, ЈП Паркови и зеленило – Скопје и комуналната служба на Општина Кисела Вода, но повеќе од очигледно е дека никој не си ја врши работата.

„Дури и искршените гранки од невремето кое се случи минатата недела уште се непипнати. Најгнасна општина е. Дури и некои училишни дворови се нечисти. На пример Круме Кепески е редовно неуредно и запуштено, за разлика и Кирил Пејчиновиќ или Партениј Зографски. А и за лекарствава и иглите што се расфрлаат секој втор ден никој не реагира. Тоа е проблем со кој се соочуваме со години, сите ветуваат дека ќе го решат ама ниту еден градоначалник до сега не најде трајно решение. Ние сме секојдневно изложени на ризик, нашите деца кои играат во парковите, но и нашите миленици“, рекоа соговорниците.

И.И

 

Слични содржини