„Во моментот сме опколени од сите страни над Бадилен и ни се прекинати сите копнени врски“, рече градоначалникот на Ново Село, Ѓорѓе Божинов во драматично обраќање на Фејсбук за пожарот на територија на неговата општина.
Како што рече Божинов, заедно со него се тим на пожарникари од ТППЕ Струмица и неколку цивили кои учествуваат во гаснењето.
-Од сите страни околу нас гори. Очекуваме да дојдат уште 2 хеликоптери да продолжат со гасење за да може да се евакуираме, изјави Божинов.
Како што додаде, тие се опколени од огнот во радиус од 500 метри и очекуваат што побргу да бидат извлечени.
Првиот човек на ЦУК, Стојанче Ангелов утрово информираше дека на територија на општина Ново Село, на планината Огражден, на самата бугарска граница испраќаат еден голем турски хеликоптер, како и еден голем српски хеликоптер, кој носи пет тона вода.
Покрај сите ресурси на државава кои се вклучени во пожарите, на помош пристигнаа и воздухоплови од Црна Гора, Словенија, Турција, Србија и Романија. Во земјава нема пилоти за гаснење на пожари. Двајца кои се во пензија во моментов се вклучени во пожарите.