📽 Солзавец, димни бомби… Објавени СНИМКИ како полицијата ги разбиваше протестите во Белград

од Stefanija Kuzmanovska
306 прегледи

Силите на интервентната полиција и жандармеријата интервенирале вчера вечерта за да ги спречат приврзаниците на опозицијата да влезат во зградата на белградскиот Парламент за време на седмиот постизборен протест на опозициската коалиција на левиот центар. Тие ја обвинуваат власта за нерегуларности во изборниот процес и кражба на изборите, пишува „Индекс.хр“.

Владејачката Српска напредна партија (СНС) на српскиот претседател Александар Вучиќ прогласи апсолутна победа во изборната ноќ на 17 декември, а Државната изборна комисија ден подоцна потврди дека СНС освоила 46,84 отсто од гласовите. Опозициската коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ (СПН) освои 23,38 отсто. На паралелните избори во Белград, СНС има околу 38 отсто, а СПН околу 35 отсто од гласовите.

Таа коалиција, која повика на протести, тврди дека волјата на граѓаните е украдена со бројни злоупотреби, пред се во главниот град.

Коментари имаа и меѓународните набљудувачи кои оценија дека кампањата за изборите, иако тој не беше кандидат, се карактеризира со доминација на Вучиќ, кој заедно со нелојалната конкуренција, пристрасните медиуми, носењето гласачи од Република Српска, миграцијата на гласачите и многубројните други нерегуларности, придонесоа за нерамномерни изборни услови, наведува гореспоменатиот медиум.

Полицијата фрлала солзавец, димни бомби…
Полицијата, забарикадирана во зградата на Собранието на Белград, фрлала солзавец и димни бомби, додека стотици демонстранти ги искршија прозорците и вратите со камења. Според неофицијални извори, повредени се неколку демонстранти и најмалку пет полицајци. Приведени се најмалку 35 лица.

По разбивањето на демонстрациите, полицијата поставила кордони во близина на зградите на институцијата во центарот на градот, а нешто пред полноќ ситуацијата се смирила и сообраќајот е обновен по централните улици во градот.

Полицијата брутално го растури протестот, има и повредени
Откако граѓаните и опозицијата протестираа неколку часа, полицијата со опрема за разбивање на протестите ги растера демонстрантите околу 22 часот.

Првиот на листата „Србија против насилството“, Радомир Лазовиќ, за „ФоНет“ изјавил дека полицијата го нападнала и дека неколку пати бил удрен од зад грб. Тој додал дека мажот кој бил со него добил три удари, додека на девојка која била во нивно друштво ѝ ја свиткале раката. Лазовиќ рече дека полицијата не го земала предвид фактот дека тој е пратеник и има имунитет.

Новинарот на порталот „Нова.рс“ Андрија Лазаревиќ кој известувал од вечерашниот собир бил удрен со пендрак. Како што навел, кога полицијата почнала да ги потиснува граѓаните, еден од полицајците го удрил со пендрак по раката.

„Во моментот кога започна полицискиот јуриш кон градското собрание, на помала група граѓани во која бев и јас, ни пријде полицаец кој со пендрак ме удри по левата рака велејќи ми ‘мрш’, иако имав видно истакната новинарска легитимација“, навел Лазаревиќ.

На едно видео објавено на мрежата Х се гледаат двајца полицајци како влечат млад човек, додека неговата мајка вели „Ова е мое дете…“. На видеото се гледа и жена која се обидува да ги одвои полицајците од синот, додека некој вели: „Не ви ги даваме децата“.

Слични содржини