📽 Уште не успеваат да го зауздаат пожарот на Пирин Планина – ноќеска евакуирано цело село

од desk2
28 прегледи

Два хеликоптера на военото воздухопловство на Бугарија и четири хеликоптера испратени на помош од партнерски држави, заедно со стотиците луѓе на теренот, и по неколку дена од избивањето, не успеваат да го зауздаат големиот пожар на Пирин Планина. Пожарот е на потегот на градовите Сандански и Симитли, односно во линија на териториите на македонските општини Пехчево и Берово.

Бугарија: Пожарот на Пирин се насочува повторно кон Струмјани и Сандански

Ноќеска беше евакуирано целото село Плоски. Полицијата и жандармеријата денеска им дозволија на селаните да се вратат само за да си ги видат домовите и имотите и стоката. Тие беа евакуирани во Сандански, извести Бугарско национално радио.

Леталата денеска почнаа да го гаснат пожарот по 9 часот, кога на терен веќе дејствуваа 200 пожарникари, со над 40 противпожарни возила. Борбата со огнената стихија е макотрпна и многу тешка – дожд нема на повидок, а ветерот не запира.

Евакуацијата на жителите на Плоски се вршеше со автомобили и автобуси, откако пожарот стигна на 100-200 метри од селото и во него имаше густ чад.

„Беше многу страшно. Ноќеска нѐ дигнаа. Успеав да си ги земам само документите“.

„Ноќеска беше ужас. По 10 метри оган фрлаше – и кога ќе го фрли – 5 километри понатаму префрла“.

„Имам јариња, имам магаренце. Ќе се испечат“

„Јас имам овци. Затворени се во кошарата“, сведочат жителите на Плоски.

Евакуацијата на сите жители завршила во 2 часот утрово.

Слични содржини