Американскиот претседател Џо Бајден синоќа соопшти дека го помилувал својот син Хантер, кој чекал пресуда за случаи на недозволено поседување огнено оружје, лажни изјави при проверка на оружјето, за што претходно бил прогласен за виновен, како и за затајување данок, што тој самиот го призна.
Иако Бајден претходно уверуваше дека нема да даде претседателско помилување на неговиот 54-годишен син, сега одлучи да го стори тоа.
Објавена е изјавата на неговиот син Хантер Бајден: „Ги признав и преземав одговорност за моите грешки во најтемните денови на мојата зависност – грешки кои беа искористени за јавно да се понижат и срамат мене и моето семејство поради политиката“, се вели во соопштението.
„И покрај сето ова, јас сум трезен повеќе од пет години поради мојата длабока вера и непоколеблива љубов и поддршката од моето семејство и пријателите“, рече Хантер Бајден.
„Во маката на зависност, потрошив многу можности и предности. Во закрепнувањето, може да ни се даде можност да се поправиме каде што е можно и да ги обновиме нашите животи ако никогаш не ја земеме здраво за готово милоста што ни е дадена. Никогаш нема да го земам здраво за готово помилувањето што ми беше дадено и ќе го посветам животот што повторно го изградив за да им помагам на оние кои се уште се болни и страдаат“, рече тој.
Инаку, помилување значи дека Хантер Бајден нема да биде осуден и веќе нема можност да одлежи затворска казна.
🥴 THROWBACK: ‘I will not pardon him’ – #Biden repeatedly said #Hunter would not receive a pardon pic.twitter.com/Ga6UUvLUQo#US President Joe Biden has repeatedly told the American public that he would not issue a pardon for his son. White House Press Secretary Karine Jean-Pierre…
— ⚡️🌎 World News 🌐⚡️ (@ferozwala) December 2, 2024
Судиите доделени во неговите случаи најверојатно ќе ги откажат рочиштата за изрекување на пресудата, кои беа закажани за 12 декември за случајот со оружјето и за 16 декември за даночниот случај.
Помилувањето опфаќа даночни прекршоци и прекршоци за оружје, како и сите потенцијални федерални злосторства што Хантер Бајден можеби ги извршил помеѓу 1 јануари 2014 година и 1 декември 2024 година, пишува Си-Ен-Ен.
Оваа временска рамка го опфаќа целиот негов мандат во управниот одбор на украинската гасна компанија Бурисма и голем дел од неговата работа во странство, вклучувајќи го и времето поминато во Кина.
Инаку, Хантер Бајден не е првиот човек помилуван од неговиот татко.
Досега Џо Бајден даде помилување на 25 други лица, објави Си-Би-Ес. Повеќето од помилуваните беа обвинети за кривични дела поврзани со дрога.
Доналд Трамп ја напушти Белата куќа со вкупно 143 помилувања, а помилувањето на Хантер Бајден го коментираше на социјалната мрежа Truth Social.
Тој го спореди помилувањето со одлуката со која демонстрантите кои учествуваа во немирите на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година беа осудени на неколку години затвор.
„Дали помилувањето што Џо го даде на Хантер ги вклучува и заложниците кои се во затвор со години? Каква злоупотреба“, сподели Трамп.