Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска заедно со Дорис Шмидауер, сопруга на сојузниот претседател на Република Австрија, Александер Ван Дер Белен коишто престојуваат во официјална посета на Република Северна Македонија, денеска во Канцеларијата на Претседателот МладиХаб имаа можност да се запознаат со проектот за градење на вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите којшто се реализира од Националниот младински совет на Северна Македонија по што ја проследија и изложбата на дела на жени претприемачки организирана во соработка со Центарот за управување со промени.
Ѓоргиевска и Шмидауер ја посетија Старата скопска чаршија при што за време на прошетката имаа можност да поразговараат со дел од занаетчиите. Во Националната галерија Чифте амам, Ѓоргиевска и Шмидауер беа пречекани од директорката на Националната галерија, Дита Старова Керими којашто ги водеше низ просториите на галеријата претставувајќи им го нејзиното значење и историјат, а имаа можност да ја разгледаат и изложбата „Пејсажно искуство” на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска со којашто ја претставија нашата земја на биеналето за ликовна уметност во Венеција. Во Чифте амам се одржа панел дискусија на тема „Жените инспирираат” на којашто воведно обраќање имаа Ѓоргиевска и Шмидауер. На панелот учествуваа успешни жени од земјава, претставнички од областа на политиката, економијата, бизнис и граѓанскиот сектор, културата и други области на којшто се презентираа нивните досегашни постигнувања.
При посетата на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, директорот на Центарот, Горан Садикарио ги запозна со постојаната поставка во Музејот во која се прикажува историјата на Евреите во нашата и во други држави низ различни временски периоди од минатото, нивниот егзодус за време на Втората светска војна и повторното воспоставување на еврејската заедница во земјава.