Ѓоргиевска: Можеме да создадеме свет во кој родовата еднаквост не е далечна цел, туку сегашна реалност

од Vladimir Zorba

Во рамки на регионалната конференција на високо ниво „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки”, сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, Елизабета Ѓоргиевска се обрати и на последниот панел насловен „Повик за акција”.

Говорејќи за својата мотивација да за заложува за женската телесна автономија и родова еднаквост, сопругата на претседателот, Елизабета  Ѓоргиевска истакна дека во земјава, како и во многу делови од светот, постојат предизвици со кои мора да се соочиме бидејќи жените историски се соочуваат со бариери за пристап до здравствена заштита, образование и економски можности, а родово-базираното насилство останува загриженост што влијае на премногу животи.

Според г-а Ѓоргиевска, во нашата земја се направени значајни чекори за родовата еднаквост и зајакнувањето на жените и девојките, но предизвици има сè уште и траен напредок без регионална и меѓународна соработка не може да се постигне. Таа додаде дека оваа конференција е доказ за нашата посветеност да ги здружиме силите, да споделуваме знаење и да инспирираме акција.

„Кога зборуваме за тоа, дозволете ми да појаснам што е тоа што ја инспирира мојата посветеност, што е во согласност со суштината на Вашето прашање. Едноставно е, навистина. Тоа се приказните и лицата на жените и девојките со кои сум се сретнала во текот на мојот живот, како кај нас, така и низ целиот свет. Тоа се безбројните гласови кои често не се слушаат, силата што е потценета и потенцијалот што е занемарен”, истакна г-а Ѓоргиевска.

Нагласувајќи дека не се работи само за приказните за борба и неправда, туку се работи и за неверојатниот потенцијал што го имаат жените и девојките, сопругата на претседателот рече дека кога инвестираме во нивната благосостојба, кога ја обезбедуваме нивната телесна автономија и еднакви можности, ја отклучуваме силата за позитивна промена која може да ги трансформира општествата и нациите.

„Едноставно кажано, кога на жените и девојките им се даваат алатките и можностите што им се потребни, тие стануваат моќни двигатели на позитивни промени во нашите заедници и нашиот свет”, нагласи сопругата на претседателот.

Во однос на  нејзината мотивираност по однос на женската телесна автономија и родова еднаквост, г-а Ѓоргиевска истакна дека ја мотивира вербата дека никој не треба да биде отфрлен поради својот пол, ја мотивира уверувањето дека секоја жена и девојка го заслужува правото да одлучува за сопствениот живот и тело, како и визијата за свет каде што еднаквоста не е само збор, туку жива реалност.

„Исто така, мотивирана сум од сознанието дека можеме да го постигнеме тоа. Можеме да создадеме свет каде што родовата еднаквост не е далечна цел, туку сегашна реалност. Тоа е мисија која ги надминува границите, а јас сум горда што сум дел од ова глобално движење кон поправеден свет”, порача сопругата на претседателот.

Во оваа панел дискусијата се обратија и Арманда Бегај, сопруга на претседателот на Република Албанија, Мирела Беќировиќ, сопруга на членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Тамара Вучиќ, сопруга на претседателот на Република Србија и Алеш Мусар, сопруг на претседателката на Република Словенија. Преку видео порака се обратија и сопругите на претседателите на Република Хрватска и на Украина, Сања Мусиќ Милановиќ и Олена Зеленска.

Домаќин на регионалната конференција на високо ниво, „Моќта на изборот: Остварувајќи телесна автономија кај жени и девојки” е сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска и истата е организирана во соработка со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

На Конференцијата присуствуваа околу 100 претставници од државата и од регионот на Источна Европа и Централна Азија, ООН, меѓународната заедница, креатори на политики, жени лидери, претставници/чки на граѓанското општество, на младите, експерти и други засегнати страни. Телесната автономија и сексуалното и репродуктивното здравје и права се клучни за напредокот кон родовата еднаквост, постигнувањето на Целите за одржлив развој на ОН и целите на Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) што се одржа во Каиро, Египет, во 1994 година.

Слични содржини