МФ: Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност бара да се стават во мирување одлуките на друштвата за осигурување

од Nikola Popovski

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница го разгледа доставениот извештај од Националното биро за осигурување поврзано со зголемените цени по основ на премија за вршење на дејноста на осигурување.

-На состанокот Комисијата му укажа на Националното биро за осигурување и на регулаторот Агенцијата за супервизија на осигурувањето во текот на денешниот ден да им предложи на друштвата за осигурување до крајот на денешниот ден да ги стават во мирување одлуките за зголемување на трошоците и да ги вратат на ниво од пред 25 април 2024 година и да ја известат Комисијата во текот на денешниот ден. Ваквото укажување е со цел обезбедување  транспарентност и предвидливост на процесите, имајќи предвид дека компаниите ниту поединечно, ниту преку Националното биро за осигурување го немаат известено регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето ниту Комисијата дека планираат да ги зголемат трошоците по основ на премијата за вршење на дејноста на осигурување, и на тој начин не е обезбеден инклузивен пристап и кооперативност со сите засегнатите страни при донесување на одлуките, велат од Министерството за финансии.

Се додава дека Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност на денешната седница побара од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да изготви анализа за оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на друштвата за осигурување, во насока на заштита на крајните корисници, а со цел обезбедување сеопфатна информација за донесување објективна  и транспарентна одлука. Во правец на ова е укажувањето кон регулаторот за ставање во мирување на одлуката за зголемување на цената на трошоците од страна на друштвата за осигурување.

-Истовремено, побара од друштвата за осигурување преку Националното биро да дадат свој придонес во изготвување на анализата и предлог-заклучоци за промена на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица. На состанокот, Комисијата одлучи во најскоро време по доставување на анализата од регулаторот, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето, да свика седница и да ја разгледа доставената Информација и да донесе соодветни заклучоци, стои во соопштението од ресорот Финансии.

Слични содржини