Гувернерката на Јужна Дакота на мета на критики откако напиша дека си го убила кучето

од Илинка Илиоска

Кристи Ноем, гувернерката на Јужна Дакота и можен иден заменик на Доналд Трамп доколку тој повторно стане американски претседател, се најде во центарот на американското и светското внимание.

Најмногу поради нејзината нова книга „No Going Back: The Truth on What’s Wrong with Politics and How We Move America Forward“, која наскоро ќе се најде на полиците на американските книжарници и во која таа ладнокрвно пишува за убиството на своето „недисциплинирано 14 -месечно женско куче (островлакнест поинтер) Крикет“, но и „смрдливи кози“.

Кристи Ноем, како што самата објаснила, го тренирала кучето да лови фазани и го однела на поле со постари кучиња. Се надевала, како што вели, дека тоа ќе го смири и дисциплинира, но испаднало дека „Крикет се забавувала повеќе од кога било во нејзиниот живот“.

„Додека се враќавме дома од лов, застанав да разговарам со едно семејство, а Крикет излезе од мојот камион, нападна и уби неколку нивни кокошки, а потоа се обиде да ме касне и мене. Им се извинив на луѓето, им напишав чек за да ја платам штетата и им помогнав да се ослободат од лешовите. Сето тоа време Крикет „пукаше“ од гордост и среќа Во тој момент знаев дека морам да се ослободам од неа и да ја убијам.

Набргу потоа, училишниот автобус ги оставил нејзините деца пред куќата, а ќерката прашала: „Еј, каде е Крикет?“.

Но, тоа не е се. Ноем пишува и дека нејзиното семејство некогаш поседувало „гадна и лоша“ коза која смрдела и сакала да ги брка нејзините деца. Решила да ја убие и неа.

„Козата го преживеа првиот истрел, па се вратив до камионот, зедов уште куршуми и повторно го застрелав“, се пофали гувернерката на Јужна Дакота во книгата, како што пренесува AP News.

Сето ова, вели таа, го напишала за „да ја покаже својата подготвеност да прави се што е тешко, неуредно и грдо, ако треба истото да се направи“. Но, нејзиното признание наиде на негативни коментари и низа осуди на социјалните мрежи.

Неколку постери со мемиња ја илустрираат Ноем како Круела де Вил, негативецот од класиката на Дизни „101 далматинец“.

Слични содржини