Транспаренси интернешнл: Бистри и матни случаи на барометарот на корупција за април 2024

од Nikola Popovski

Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.

Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.

“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АПРИЛ 2024 ГОДИНА

1. Сериозна владина корупција и политички унапредувања во судството и обвинителството, забележа Стејт Департментот во извештајот за Македонија – Сериозна владина корупција е еден од значајните проблеми со кои се соочува Северна Македонија, се вели во извештајот на американскиот Стејт Департмент за состојбата со човекови права во земјата за 2023 година. „Нема значителни промени во ситуацијата со човековите права во Северна Македонија во текот на изминатата година“. Стејт Департментот вели дека владата презела ограничени чекори да ги идентификува и казни функционерите кои можеби направиле прекршувања на човековите права. Во септември, Владата усвои измени на Кривичниот законик, значително намалувајќи ги казните за кривичните дела поврзани со корупција“, велат од Стејт Департментот.„Кредибилни извештаи за неказниви судски злоупотреби, неадекватно финансирање, отпор кон користење законски пропишана технологија и недостиг на персонал ѝ наштетуваат на ефективноста на судството и ја нарушуваат довербата на јавноста во владеењето на правото. Анкетите покажуваат дека јавноста не верува во судството. Унапредувања со политичко влијание, без заслуга и транспарентност се случуваа во судовите и во обвинителството.“, велат од Стејт Департментот.

2. Фридом Хаус: Назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата во Северна Македонија – Северна Македонија покажува назадување во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Овие се клучните забелешки во најновиот извештај „Државите во транзиција“ (Nations in Transit) на организацијата Фридом Хаус. Извештајот предупредува на долготрајната корупција на високо ниво во Северна Македонија, а го забележува и судирот на партиите околу уставните амандмани потребни поради бугарското вето за пристапување на земјата во Европската Унија. „Дефинитивната карактеристика на цикличните хибриди е комбинација на вистински политички плурализам и површни институционални промени. Тие имаат тенденција да заостануваат во однос на реформите насочени кон воспоставување силни бариери помеѓу јавниот сервис и приватната добивка. Затоа е од суштинско значење да се промовираат антикорупциски механизми и судски реформи во овие земји, а процесот на пристапување во ЕУ има важна улога во овој поглед“, се објаснува во извештајот.

3. Управниот суд пресуди – Академијата за судии и јавни обвинители треба да го запре процесот на селекција – Одлуката на Антикорупциската комисија со која на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ и се наложува да го запре процесот на обука и селекција на кандидати е правно издржана. Управниот суд донесе пресуда со која се потврдува одлуката на Антикорупционерите. Судирот меѓу Академијата и Антикорупциската комисија дојде по доставен приговор дека се крши Изборниот законик и ДКСК два пати носеше одлука дека селекцијата на кандидати мора да запре до завршување на изборниот процес односно избор на претседател, пратеници и Влада.

4. Управен поништи над 3.000 решенија за унапредување и вработување – Управниот суд ги поништи решенијата за вработување и унапредување на над 3.000 вработени во Министерството за финансии и јавниот сектор, бидејќи се прекршил Законот за техничка влада, соопшти заменик-министерката за финансии, Елена Петрова. Според неа, иако одлуките морале да бидат одобрени со нејзин потпис, како што предвидува Законот за техничка влада, министерот Бесими ги потпишал сам. Петрова, нагласи дека најголем дел од процедурите за вработување и унапредување започнале пред формирањето на техничката влада.

5. Граѓаните се жалат кај Омбудсманот дека долгите предистражни постапки на ОЈО Скопје ги застаруваат кривичните дела – Забелешките на граѓаните во однос на долготрајноста на предистражните постапки кои се водат пред Основните јавни обвинителства и неинформирањето, односно неизвестувањето за текот на постапката се причина поради која граѓаните да му се пожалат на Народниот правобранител. Најголем број забелешки граѓаните имаат до Основното јавно обвинителство, а помалку кон Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје. Во 2023 година во областа која се однесува на работата и постапувањето на обвинителствата поднесени се 63 претставки од кои најголем најголем број, односно 51 се на адреса на ОЈО. Препораката од Омбудсманот е дека основните јавни обвинителства треба да постапуваат поажурно и навремено да преземаат дејствија, да го почитуваат рокот од 3 месеци и доколку не донесат јавнообвинителска одлука да го известуваат повисокиот јавен обвинител и пријавителот, за да нема сомневање и страв дека гонењето ќе застари.

“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АПРИЛ 2024 ГОДИНА

1. Уапсени се 17 припадници на затворската полиција поради поврзаност со бегство на затвореник – Во акција на Основното јавно обвинителство за гонење на организираниот криминал и корупцијата и на Министерството за внатрешни работи уапсени се околу 17 припадници на затворската полиција. Од ОЈО ГОКК, исто така, потврдија дека станува збор предмет што го водело специјализираното одделение на ова обвинителството за гонење полициски службеници и припадници на затворската полиција поради сторени кривични дела.

2.МВР ќе поднесе две кривични пријави поврзани со изборите, обвинителството нема пријава за кривични дела – „МВР врз основа на претходно поднесени пријави, регистрира и 6 прекршоци и ќе бидат поднесени и 2 кривични пријави. Една за кривично дело “Повреда на тајноста на гласањето“ по член 163 од КЗ и една за „Повреда на избирачко право“ предвидено и казниво согласно член 159 од КЗ“.

Слични содржини