Обвинетиот за убиството на ракометарот Денис Тот, Анџело Ѓоргиевски денеска во завршните зборови од судскиот случај изрази искрено сочувство и жалење за немилиот настан.
Тој побарал од судот да го казни за она што реално го направил.
-Барам од судот да ме казни за она што реално сум го направил, а тоа, според мене, мислам дека и според многу други, секако не е убиство со умисла, изјавил Ѓоргиевски во судницата.
Тој порачал дека неговата реакција била во состојба на афект и од страв.
-Ниту сакав, ниту би го повредил сега починатиот Денис Тот, додал Ѓоргиевски.
Ослободителна пресуда денеска побараа и бранителите на обвинетите, додека, јавната обвинителка Тања Трајчевска побара осудителна пресуда.
Пресудата ќе биде објавена на 30 ноември.
Обвинителството ги гони обвинетите Анџело Ѓоргиевски, Клементина Левковска и Андреј Костовски за кривично дело „убиство“ од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик. Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.
Процесот го води судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а застапник на обвинението е обвинителката Тања Трајчевска. Процесот продолжи со завршни зборови на одбраната на обвинетиот Андреј Костовски.