Апелацискиот суд ќе расправа за убиството на ракометарот Тот

од Nikola Popovski

Во Апелација денеска ќе биде одржана јавна седница за кривичниот предмет за убиството на хрватскиот ракометар Денис Тот.

-Јавната седница пред Апелацискиот суд Скопје по кривичниот предмет КЖ-224/23, против обвинетите А.Ѓ., К.Л. и А.К. сите од С. во јавноста познат како „Убиството на ракометарот Денис Тот“ е закажана за ден 15.05.2023 година во 10:30 часот, информираат од Апелацискиот суд.

Основниот кривичен суд во Скопје на 30-ти ноември 2022 година ги прогласи за виновни тројцата обвинети за убиството на хрватскиот ракометар. Судот досуди затворска казна од 18 години за обвинетиот Анџело Ѓорѓиевски, обвинетата Клементина Левковска доби исто така 18 години, а третобвинетиот Андреј Костовски е осудене на казна затвор од 16 години.

Согласно обвинителниот акт, обвинетите се товарат дека на 7 април лани, пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, заеднички го лишиле од живот оштетениот Денис Тот.

-По кратка расправија, сите тројца му нанеле повеќе удари и тешки телесни повреди од кои кај оштетениот најпрво настанала коматозна состојба, а следниот ден починал, стоеше во соопштението од Обвинителство објавено на 21 јули годинава.

Процесот го водеше судијката Елена Илиевска Јосифовиќ, а обвинението го застапуваше обвинителката Тања Трајчевска.

Слични содржини