Јаневски: Инвестирањето во Зимските центри треба да биде долгорочно, само така ќе бидеме конкурентни на соседите

од Vladimir Zorba
614 прегледи

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски во интервју за „Локално“ вели дека македонските национални паркови имаат потенцијал за активен, рурален и зимски туризам, но за жал недостасуваат инвестиции од инфраструктура, сместувачки капацитети, и нови патеки, па се до инвестиции во сигурност на дестинациите со високо едуцирани и професионални тимови.

Осврнувајќи се на активностите во Попова Шапка од инвеститор кој планира вложување oд 184 милиони долари во развој, сместувачки капацитети и инфраструктура, Јаневски оценува дека тоа позитивно ќе влијае на дестинацијата и на градот Тетово создавајаќи можност за зголемување на бројот на ноќевања, посети и нови работни места.

Сепак според неговите зборови инвестирањето во Зимските центри мора да биде долгорочно и во континуитет за да може да бидеме конкурентни со нашите соседи.

Од друга страна Јаневски посочува дека имаме и одлични примери на селективни форми на туристичка понуда кои во комбинација со рурално сместување, локална храна и убавите предели овозможуваат незаборавни искуства од нашите зимски центри, потенцирајќи дека нив во следните пет до десет години треба да ги имаме неколкупати повеќе.

Во време на економска криза дали зимските центри во земјава имаат поголем или помал број туристи од пред пандемијата – 2019-та, која се зема за релевантна година за бројот на туристи. Колкав е бројот на резерваации, имате ли сознанија?

-Новата реалност во туристичката индустрија наметнува нови фокуси на туристите кои по многу нешта се разликуваат во однос на пред пандемискиот пeриод. Во таа насока јас не би ги третирал зимските центри како одвоена понуда само додека имаат снег и нудат скијање туку како дестинации за четири сезони бидејки имаат идеални услови за голем број на туристички форми. Местоположбата на зимските центри во македонските национални паркови овозможува и нуди активен, рурален, зимски туристички форми за кои да бидат издигнати на високо ниво потребни се инвестиции. За жал инвестициите во нашите зимски туристички центри изостануваат од инфраструктура, сместувачки капацитети, нови патеки и сигурност на дестинациите со високо едуциранi и професионални тимови кои ќе одговорат на секој предизвик.

Најавата за нови инвестиции во Попова Шапка од инвеститор кој планира вложување на 184 милиони долари во развој, сместувачки капацитети со четири звезди и инфраструктура позитивно ќе влијае на дестинацијата и на градот Тетово создавајќи можност за зголемување на бројот на ноќевања, посети и нови работни места. Сепак инвестирањето во Зимските центри мора да биде долгорочно и во континуитет и само ова е начинот на кој ќе бидеме долгорочно конкурентни со нашите соседи. Дотогаш ќе се задоволиме со домашните дневни туристи и регионалните гости кои ќе уживаат во активните и екстремни форми на туристичка понуда во мали групи и ограничен број без аранжмани од сериозни европски и светски туроператори.

Сепак има одлични примери на селективни форми на туристичка понуда кои во комбинација со рурално сместување, локална храна и убавите предели овозможуваат незаборавни искуства од нашите зимски центри, но тие треба во следните пет до десет години да ги имаме неколкупати повеќе. Единствено со применување на регионалните и светски практики за кратко време можеме да имаме категоризирани рурални домаќинства кои во текот на целата година ќе ги нудат нашите национални паркови како сеуште неоткриени туристички Еко оази.

За колку проценти се зголемени цените оваа година во домашните зимски капацитети, кои го следат трендот на општиот пораст на цени, и дали тоа влијае на туристичкиот промет кои го остваруваат?

-Пандемијата создаде можност цената да не игра крајна улога при одлуката на туристите да посетат некоја дестинација туку сигурноста на дестинацијата од многу аспекти како и достапноста на информациите за истата. Многу пати сум искоментирал дека цената треба да ги задоволи потребите на туристите односно да ги надмине нивните очекувања за истата без разлика која е нејзината висина. Со зголемување на фиксните трошоци се зголемува и пазарната цена која зависи од голем број на фактори но генерално зголемувањето на цените е светски феномен кој нас не не одмина. Мораме да воведеме нови услуги и задоволиме специфични потреби на туристите кои треба да заминат со надминати очекувања од дестинацијата! Тогаш сме ја завршиле работата! Затоа е потребно во континуитет да создаваме млади стручни кадри во туристичката индустрија кои ќе донесат нови практики, и позитивно ќе ја изменат перцепцијата за дестинацијата а ќе ја искористат можноста дека сме последната неоткриена дестинација во Европа.

Како ја оценувате успешноста оваа година по бројот на ноќевања,остварени во туристичките центри Маврово, Крушево, Шапка, но и Охрид?

-Со стратешкото планирање на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот заедно со целиот туристички сектор во август 2021 ги поставивме целите за 2022 година и покрај неизвесноста со пандемијата и нејзиниот развој 2,6 милиони ноќевања и 400 милиони долари за многу личеа невозможни. Одлучивме со работа и одлични истражувања да се фокусираме на регионот и традиционалните пазари како примарни и неколку туристички како секундарни со цел надминување на резултатите. Предизвиците се поголеми ако знаете дека за 2022 година АППТ доби десет пати помал буџет и голем број на други ограничувања. Успеавме во 2021 година да бидеме во првите пет дестинации во светот по раст на странци туристи за 139% според UNWTO ( Светската туристичка организација) и го задрживме фокусот во 2022 година и резултатите се тука!

Доколку се погледнат статистичките показатели на Светската туристичка организација најбрзо закрепнување има Европскиот континент кој во периодот јан-септември 2019/2022 година е -19% со туристи а истите резултати ги има и нашата дестинација и подобри резултати по остварени ноќевања. Туристичкиот промет од 376 милиони ноќевања во првите три квартали не вброи во првите десет светски дестинации 2019/2022 година со раст од 25% и сериозно покажува кондиција дека предвидените цели за 2023 година од 430 милиони долари е можно да се достигне во 2022 година .

Целта од 2,6 милиони ноќевања со првите десет месеци од 2022 година се надминати и дури очекува да надмине 2,8 милиони ноќевања. Позитивнот раст во 2022 година во туризмот создава дополнителен предизвик во 2023 година да работиме за растот во македонскиот туристички сектор продолжи. Генерално регионалните дестинации забележаа најголем раст во главните градови за разлика од Скопје кој потона во своето сивило и се повеќе заоставува во туристичката конкурентнос и привлекувањето на туристи. Додека главните градови во регионот имаат богата програма за Новата Година и се е во таа предпразнична атмосфера ние се уште не знаеме дали воопшто некој ќе го украси градот. Ова треба да преставува пример како не треба, а Скопје веќе треба да се подготвува за нови културни, спортски, бизнис настани кои доволно во 2023 година ќе го доближат со регионалните метрополи во третирање на туризмот.

Што прави Агенцијата за промоција на домашниот зимски туризам и на што се фокусирате најмногу во подобрување на понудата за следната година?

-Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во 2023 година понуди стратешко планирање е фокусирана на промовирање на дестинацијата и нејзина поддршка преку проекти и создавање на нови атракции кои позитивно влијаат во нејзината туристичка понуда и локалниот економски развој. Промотивните активности се фокусирани 100% на интернет преку познати портали, социјални медиуми, информативни патувања на медиуми, туроператори кои работат со зимска туристичка понуда, саемски манифестации и инфлуесери кои имаат допир со зимските спортови .

Во земјите од регионот како Србија, се повеќе се развива и селскиот туризам со традиционално добра храна и гостопримство. Што преземаме ние на тој план?

-Пандемијата го промени пристапот во туристичката индустрија ставајки го руралниот туризам, еко-туризмот и Ено-гастро концепрот многу високо во интересите на новите целни групи туристи. Се повеќе се практикуваат посети во природа, мали сместувачки капацитети и мали групи на туристи желни да истражуваат и подготвени за нови искуства од дестинациите кои ќе ги посетат. Генерално потребно е ново реструктуирање во македонскиот туристички сектор со цел негово подобро градење и функционирање подобрувајки ги слабите точки и создавајки Дестинациски менаџмент организации-ДМО кои ќе овозможат голема интеграција со локалните чинители и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот која е потребно да преземе уште повеќе ингеренции како Национална туристичка Организација доволно екипирана во целост да ги имплементира државните политики во оваа област. На овој начин ќе создадеме нова Стратегија за развој на Руралниот туризам и нејзино имплементирање, категоризирање на сместувачките капацитети во руралните делови и преку сет на мерки да ги стимулираме локалното население да започне со практикување на руралниот и Еко-туризам.

Ваквата поставеност ќе овозможи заедничко аплицирање на Европски и Меѓугранични проекти кои ќе бидат насочени во развој на овој тип туризам. Знаеме дека имаме идеални услови за развој на руралниот туризам и оттаму АППТ за 2023 година започнува со истражувања и подготовка на проектот Педесет Рурални села , Педесет туристички приказни со детектирање и валоризација на потенцијалите подготвувајки го за голем државен проект кој мултипликативно ќеовозможи подигање на туризмот на ново ниво. Означување на дестинацијата со туристички знаци, дигитализација и нови апликативни решенија кои ќе содржат информации за секоја дестинација, локален специјалитет, обичај, историја и култура. Процес кој скромно го почнавме да го градиме во 2019 година и продолжува бидејки туризмот не е трка на сто метри, туку долг маратон!

Какви се искуствата од земјите од регионот дали и кај нив економската криза влијае врз бројот на туристи или со одредени чекори што се преземаат искуствата се поинакви? Во таа смисла, дали на пример има потреба од ваучерите за домашен туризам кои беа актуелни во времето на пандемијата со цел, на домашните гости да им се овоможи премостување на скокот на цените поради кризата?

-Од резултатите кои ги има Европа во туризмот со брзото негово враќање и прилагодување во 2022 година очигледно е дека туристичката индустрија како област која дирекно или индирекно влијае на дваесетина економски гранки значајно ќе влијае врз амортизирање на економската криза во многу земји и очекувам туризмот многу брзо да го заземе местото кое го заслужува и во македонската економија. „Отворен балкан“ преставува нов предизвик за нас од туристички аспект бидејки дестинацијата заедно со Албанија и Србија треба да ја третираме како 12 милиони домашни туристи кои треба да ги мотивираме да патуваат во истата. Ова ќе овозможи поголема конкурентност со другите дестинации и можност за споделување на искуства, вештини и работна сила во рамките на Отворениот балкан.

Резултатите кои ќе се постигнат во 2022 година ќе бидат без популарните ваучери за туризам со што се докажува една моја теза за нивната мала ефикасност и влијание на локално ниво. Сепак предизвикот на ова поле кое не чека со туристичкиот сектор е создавање на нов модел на сувенционирање кој ќе биде насочен во развој на домашниот пазар и подобрување на квалитетот во нашите Хотели. За прв пат предложивме до влада нов модел на субвенционирање на домашни туроператори кои ќе создадат поволни пакети за домашните туристи во Македонија. На овој начин ќе продолжиме со проектите кои дадоа добри резултати и истите ќе ги надградиме со нови промотивни видео материјали и брошури за Дигитални номади, дваесет места кои мора да се посетат, националните паркови и заштитените подрачја.

За се ова да се реализира потребна е секојдневна работа за тимот од АППТ заедно со Советот на агенцијата и сите туристички комори со кои сме подготвени во 2023 година да ги надминеме резултатите од 2019 година односно повеќе од 3,2 милиони ноќевања и приближно 450 милиони долари промет од туризмот во македонската економија.

М.С.М.

Слични содржини