Ќерката на затворен активист се нуди да го замени во затвор

од Stefanija Kuzmanovska
159 прегледи

Здравствената состојба на познатиот активист за човекови права Абдулхади ал-Каваџа толку многу се влоши во затворот во Бахреин што неговата ќерка Мерјем се понуди да го замени.

Таа се плаши дека без итна медицинска интервенција и ослободување од притвор во кој, како што вели, се наоѓа неправедно, наскоро ќе умре.

Мерјем, пишува „Гардијан“, е подготвена да се најде зад решетки за да го спаси нејзиниот татко и да му овозможи да се види со семејството. Вели дека секојдневно се грижат дека ќе им се јават да им кажат дека повеќе не е жив. Таа тврди дека Абдулхади има сериозни здравствени проблеми и дека властите како метод на казнување го користат недостатокот на соодветен третман.

„Не можам да чекам да ни го вратат во ковчег. Тоа не смеам да го дозволам“, вели таа во видео објавено на интернет и потенцира дека централното прашање е тоа што нејзиниот татко не требало да биде во затвор.

Абдулхади е еден од најистакнатите активисти за човекови права во Бахреин, со повеќедецениска историја на активизам. Тој беше уапсен во текот на ноќта во својот дом во април 2011 година поради учество во протести. Два месецa подоцна тој беше осуден. По 12 години затвор, неговото семејство вели дека на данско-бахреинскиот државјанин му е одбиен клучен медицински третман бидејќи се појавил како бранител на човековите права. Семејството во овој случај ја обвинува и пасивноста на данските власти.

Тој беше осуден за тероризам и обид за соборување на владата, што организациите за човекови права ги нарекоа политизирани обвиненија. Работната група на ОН за произволно притворање соопшти дека казната е директно поврзана со неговата желба слободно да се изразува, да изразува политички убедувања и да учествува во протести, и покрај ставот на властите во Бахреин дека антивладините протести се незаконски.

Од владата велат дека слободата на изразување и мислење е уставно право и дека никој не е приведен поради политички ставови или активизам.

Мерјам, исто така, објави дека, и покрај најавите од владата дека нејзиниот татко ќе оди на кардиолог на крајот на минатата недела, тоа било одложено на неодредено време, што, како што вели, ги потврдува нејзините наводи дека намерно му се одбива исклучително важен лекарски преглед и го поттикнува семејството стравува дека животот му е во опасност.

Слични содржини