🎥 Арсовска ги поднесе доказите против Ганиу во ОЈО – обвиненија за закани по живот и уништување на докази

од Марта Пешевска
47 прегледи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје достави докази за сомнителни активности поврзани со легализација на дивоградби во Општина Чаир. ОЈО претходно ја побара од неа да ги приложи сите релевантни документи доколку има.

Арсовска откри дека, по службена должност, пронашла фалсификати во документите за легализација на дивоградбите и обвини дека градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, наместо да ги отстрани нелегалните објекти, се обидува да ги легализира и ги крие незаконските дејствија.

„Градоначалникот е свесен за фалсификатите и незаконските активности, но ги крие и ги штити“, изјави Арсовска пред Обвинителството. Таа додаде дека веднаш реагирала по повикот на обвинителите и апелираше тие да ги приберат доказите што сè уште се во опасност од уништување.

Арсовска исто така алармираше дека во Општина Чаир се уништуваат важни документи поврзани со овие сомневања, што дополнително ја загрижува.

Покрај овие обвинувања, градоначалничката откри дека добива и закани по својот живот. Обвинителството најави дека е спремно да ја сослуша и да ги испита сите детали и околности околу нејзините тврдења и закани.

Од МВР и ОЈО нагласуваат дека нивна должност е да ја заштитат безбедноста на граѓаните и да откријат кој стои зад овие незаконски дејствија и закани, а од Арсовска очекуваат соработка во процесот на истрага.

Слични содржини