🎥 Пендаровски: Граѓаните имаат право да знаат на што се трошат парите од нивните даноци, но имаат и обврска да учествуваат во креирање на политиките

од Vladimir Zorba
305 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски се обрати на Годишниот самит на  Глобалниот парламент на градоначалници којшто се одржува во Скопје од 17-19 ноември, а чиј домаќин е градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Овогодинешниот самит е насловен „Моќни, инклузивни и грижливи градови: Обезбедување на демократија и развој со генерациите кои доаѓаат” и на истиот учествуваат над стотина градоначалници, како и голем број на претставници на меѓународни организации.

Учесниците на Самитот преку структурирани пленарни дебати имаат можност да дискутираат на теми поврзани со итни глобални прашања во градовите, како и теми од  повеќе области каде што би се имплементирале нивните позитивни искуства и можностите за вмрежување на градските лидери.

„Хармонизирањето на различните потреби и интереси на илјадници, па и милиони жители е вистинското мерило за успех на градските власти. Тоа најдобро се постигнува преку враќање на општото добро и јавниот интерес во свеста на граѓаните и во животот на градот. Се разбира, тоа важи и за Скопје.

Добрата вест е што концентрацијата на луѓе и институции, освен причина за проблемите може да биде и основа за нивно решавање. Тука, на едно место ги имаме елементите за успех – луѓе, знаење и капитал. Освен политички, Скопје е и образовен, економски, инвестициски и иновациски центар. 60% од македонските образовни институции се во градов. Околу Скопје гравитираат трите најнапредни технолошко-индустриско развојни зони во земјава.

Скопје е и хаб на македонската стартап заедница која може да понуди иновативни решенија за градот да стане поодржлив, поефикасен и поотпорен на ризици. Ако правилно одговори на потребите на младата дигитална генерација, Скопје има потенцијал да прерасне во магнет за дигиталните номади.

На полето на општествената кохезија, пак, Скопје може да се пофали со етничка, религиска и јазична разновидност како најголема вредност на македонското општество. На полето на културата, дадена ни е уникатна можност да ги промениме нештата на подобро. Скопје е избрано за европски град на културата за 2028 година.

Ова е голем предизвик кој не смее да биде сведен само на промена на фасадата на градот, ниту само промовирање на древното културно наследство, туку да овозможи сите културни слоеви на оваа некогашна значајна цивилизациска крстосница да дојдат до израз. Преку јавно-приватно партнерство, Градот Скопје може да отстапи јавни простори за независната културна сцена со што ќе покаже грижа за современата, жива култура и ќе придонесе за развивање и негување на културните навики на граѓаните.

Клучот за ова е демократијата и тоа партиципативна и директна во која, наместо пасивен набљудувач, граѓанинот ќе биде активен учесник. Граѓаните имаат право да знаат на што се трошат парите од нивните даноци, но имаат и обврска да учествуваат во креирање на политиките и носењето на одлуките. А тоа се постигнува со активизам, со градење на јавна свест и урбан менталитет, со грижа за јавниот интерес.

Се разбира, за локалната власт да функционира, неопходна е и реална фискална децентрализација проследена со транспарентно работење на локалната власт и администрација“, кажа Пендаровски во своето обраќање.

Слични содржини