🎥 Тешко повредени пациенти од Македонија пристигнале во Загреб: „Едно лице е малолетно“

од Даниел Ѓорѓиевски
94 прегледи

Две лица повредени во трагичниот пожар во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани се пренесени на лекување во Клиничката болница „Сестре милошрднице“ во Загреб, соопштија од болницата. Се очекува денеска да пристигнат уште двајца пациенти.

„Вечерва околу 3 часот се донесени две лица, од кои едното е малолетно. Едниот пациент има полесни изгореници од околу 10 проценти и не бара интензивна нега. Второто лице има изгореници од 10-15 проценти и има повреди на респираторниот тракт, па се неопходни интензивни мерки за лекување. Двајцата моментално се во критична состојба додека не се направат дополнителни дијагностички испитувања“ изјави Тихана Магдиќ Турковиќ

Според докторката Турковиќ, кај пациенти со повреди на дишните патишта често се очекуваат компликации.

“За полесни изгореници пациентите ќе бидат само набљудувани, но во некои случаи може да биде потребен хируршки третман. Потешките случаи, особено кога станува збор за изгореници на белите дробови, бараат механичка вентилација или употреба на респиратор„  објасни таа.

Премиерот Драган Ѓурѓевиќ истакна дека состојбата на помладиот пациент е нешто подобра.

„Помладиот пациент, за среќа, има помали изгореници, но кај вториот примарен проблем е изгореницата на респираторниот тракт. Се преземаат мерки за стабилизирање на состојбата, но се очекуваат компликации“  изјави Ѓурѓевиќ.

Градот Загреб понуди сместување за семејствата на повредените додека нивните најблиски се лекуваат.

„Контактиравме со македонската амбасада и им понудивме на семејствата сместување. Доколку им е потребно, подготвени сме да помогнеме. Сакавме да покажеме солидарност“  изјави градоначалникот Томислав Томашевиќ.

Во меѓувреме, хрватската влада на телефонска седница одобри испраќање на хеликоптер и медицински тим за хуманитарна помош.

„Хеликоптер Ми-171Ш со екипаж и медицински тим од хрватските вооружени сили ќе биде испратен во Северна Македонија за да помогне во справувањето со трагичниот настан“ соопштија од Владата.

Се очекува во текот на денот во Загреб да пристигнат уште неколку пациенти од Кочани кои се во тешка состојба.

Слични содржини