🎥Арсовска отишла во Влада: „Одма знаеш кои луѓе и медиуми јадат сендвичи од штаб“

„Слушнав денес ќе имало организирана акција на МВР, Финансиска полиција и Обвинителство, ќе упаѓале во општина Чаир и кај Висар Вики Ганиу дома за криминалите вредни над 225 милиони евра со перење пари и легализирање. Затоа отидов до Влада, МВРО ВМРО и Финансиска полиција да го видам тоа чудо како решиле да се борат со криминалот, ама излезе дека сите отишле на состанок во партија, не било за Чаир“, стои во објавата на Арсовска

од Nikola Popovski
57 прегледи

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска денеска била во посета на Владата по најавите за вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во јавното претпријатие Комунална хигиена. Тврди дека дека дел од медиумите веќе го објавиле видеото од камерите пред Владата на кои што е снимена. Притоа, Арсовска повторно се обрати до премиерот Христијан Мицкоски.

„Премиере не ви функционира Владата кажи му на Луке дека СНИМКИ ОД БЕЗБЕДНОСНИТЕ КАМЕРИ на Влада ви се објавуваат во јавност ултра брзо. Одма знаеш сите кои луѓе и медиуми јадат сендвичи од штаб и се платени од вас, кога пред мене стигнавте да објавите.

Слушнав денес ќе имало организирана акција на МВР, Финансиска полиција и Обвинителство, ќе упаѓале во општина Чаир и кај Висар Вики Ганиу дома за криминалите вредни над 225 милиони евра со перење пари и легализирање.

Затоа отидов до Влада, МВРО ВМРО и Финансиска полиција да го видам тоа чудо како решиле да се борат со криминалот, ама излезе дека сите отишле на состанок во партија, не било за Чаир“, стои во објавата на Арсовска, со видеото од неа пред зградата на Владата.

Претходно Арсовска жестоко му се обрати на премиерот повикувајќи го да престане со „политичките налози и медиумските напади“ и да покаже конкретна соработка во решавањето на проблемите со јавната чистота.

„Проблемот со ѓубрето е апсолвирана тема. Заедно со вашите кадри вие го креирате хаосот, а потоа ветувате дека ќе го решите за 72 часа. Ако навистина е толку лесно, зошто не го направивте тоа досега?“, порача градоначалничката, додавајќи дека повикувала на соработка во интерес на граѓаните, но дека честопати останала без одговор.

Ѓубрето од контејнерите не се собира бидејќи дел од камионите на Јавното претпријатие (ЈП) „Комунална хигиена“ се расипани, а нема ни резервни делови за да се поправат. Од единствениот репрезентативен Синдикат за комунални дејности (СУТКОЗ) и од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека имале средба со вработените во претпријатието на кој им било кажано дека веќе извесен период имаат проблеми со механизацијата.

На состанокот, иако биле поканети, не дошле директорот на претпријатието и членовите на Управниот одбор.

Во соопштението на македонската влада, се наведува дека состојбата е алармантна, а Град Скопје во континуитет не постапува согласно своите надлежности и затоа се повикуваат претходно наведените државни институции да постапуваат по донесените заклучоци на владината седница.

И Основното јавно обвинителство Скопје презема дејствија за обезбедување на докази за евентуално кривично дело. Се огласи и градоначалничката во заминување Арсовска. За неа, последниот развој на настаните претставувал политички прогон и обвини дека претставниците на ВМРО – ДПМНЕ и „Вреди“, наводно ја опструирале работата на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, преку претседателката на неговиот управен одбор.