🎥Биланс од синоќешните немири во Србија: Десетици повредени, 37 уапсени

Меѓу повредените граѓани е и српскиот пратеник Пеѓа Митровиќ, кој тврди дека бил претепан од „насилници на СНС“ со метални шипки

од Vladimir Zorba
23 прегледи

Синоќа низ цела Србија се одржаа нови протести кои на некои места ескалираа во судири со поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) и полицијата.

Немири избувнаа во Нови Сад и Белград, а протести се одржаа и во Крагуевац, Панчево, Ваљево, Ниш и други поголеми градови. Судири избувнаа и на овие места, но во помала мера отколку во Белград и Нови Сад.

Неколку минути по полноќ, се огласи Ивица Дачиќ, српскиот министер за внатрешни работи, наведувајќи дека низ целата земја се уапсени 37 лица.

Дополнително, рече тој, повредени се 42 полицајци, од кои 26 во Белград, седум во Ваљево и девет во Панчево. Бројот на повредени српски граѓани кои протестираа е непознат, но на социјалните мрежи се објавени видеа на кои се гледа како полицијата и поддржувачите на СНС се судираат со толпата.

Меѓу повредените граѓани е и српскиот пратеник Пеѓа Митровиќ, кој тврди дека бил претепан од „насилници на СНС“ со метални шипки.

Конфликтот ескалираше особено во Нови Сад, каде што канцелариите на владејачката СНС беа целосно демолирани.

Иако на некои места граѓаните останаа на улиците и по полноќ, до 1 часот наутро протестите, како и немирите, завршија.