🎥„Хитроу“ во пламен, откажани сите летови

од Nikola Popovski
27 прегледи

Лондонскиот аеродром Хитроу денеска ќе биде затворен до полноќ по прекин на електричната енергија предизвикан од пожар во блиската електрична трафостаница што го снабдува, соопшти управата на аеродромот.

„За да ја заштитиме безбедноста на нашите патници и колеги, немаме друг избор освен да го затвориме Хитроу до 23:59 часот на 21 март 2025 година“, рече портпаролот, пренесува Би-Би-Си.

Во соопштението се советуваат патниците да не доаѓаат на аеродромот и да ги контактираат своите авиокомпании за дополнителни информации.

Најмалку 1.351 лет до и од аеродромот Хитроу ќе бидат погодени од денешното затворање, објави порталот за следење летови „Flightradar“ на мрежата „X“, а околу 120 авиони веќе се во воздух во раните утрински часови.

Противпожарните служби информираа дека „ова е многу сериозен инцидент и нивните пожарникари неуморно работат во тешки услови за да го стават пожарот под контрола што е можно побрзо“.

„Пожарот предизвика прекин на електричната енергија во голем број домови и локални бизниси. Пожарникарите евакуираа 29 лица од соседните имоти на безбедно, а како мерка на претпазливост е воспоставен кордон од 200 метри, при што се евакуирани околу 150 лица. Поради големото количество чад, ги советуваме жителите да ги држат затворени прозорците и вратите. Операторите во контролниот центар примија повеќе од 200 повици, давајќи клучни упатства и смирувајќи ја јавноста. Ова ќе биде долготраен инцидент. Како што се движиме до утрото, се очекува тешкотиите да се зголемат, затоа ги повикуваме луѓето да ја избегнуваат областа доколку се во можност“, информираа синоќа од тамошните надлежни служби.

Пожарникарите биле повикани во 23.23 часот, а екипи од Хејс, Хитроу, Хилингдон, Саутхол и околните противпожарни станици биле испратени на местото на настанот.

Хитроу е најголемиот воздушен центар во Обединетото Кралство, со околу 1.300 слетувања и полетувања секој ден.

Според последните податоци, минатата година низ неговите терминали поминале рекордни 83,9 милиони патници.

Слични содржини