Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Владимир Путин Јуриј Ушаков денеска се сретнаа со високи американски дипломати во Саудиска Арабија.
На состанокот учествуваат американскиот државен секретар Марко Рубио, американскиот советник за национална безбедност Мајк Валц, американскиот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин Јуриј Ушаков.
Целта на разговорите, според Москва, е обнова на билатералните односи. Лавров рече дека целта на разговорите ќе биде да се стави крај на „ненормалниот период“ во односите меѓу двете „големи сили“. Дискусијата, исто така, може да постави основа за потенцијална средба меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, пишува Си-Ен-Ен.
Во руската делегација е и Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин. По пристигнувањето во Ријад, тој рече дека разговорите за Украина ќе бидат исклучиво билатерални, пренесе руската државна новинска агенција РИА.
U.S.-Russia talks underway in Riyadh. Rubio, Waltz and Witkoff in the room with Lavrov and Ushakov. The Saudis have bin Farhan and Aiden, though they will depart early in the meeting. pic.twitter.com/YkjEfdlw3P
— Mordechai Wagenheim (@Mike_Wagenheim) February 18, 2025
„Дојдовме да преговараме само со нашите американски колеги. „Главната работа е да започне вистинската нормализација на односите меѓу нас и Вашингтон“, кажа Ушаков, пренесе РИА. „Ова се билатерални разговори, чисто билатерални. Не може да има трилатерални разговори во Ријад“.
Американската страна исто така нагласи дека денешниот состанок не е за почеток на преговори, туку повеќе за утврдување дали Русија е „сериозна“ за завршување на војната во Украина, јавува Би-Би-Си.
Состанокот, на кој беа исклучени Украинците и Европејците, доаѓа во време на дипломатски превирања предизвикани од минатонеделниот повик Трамп-Путин, кој го наруши единството на Западот против Москва.
Европејците се состанаа во понеделникот во Париз за да разговараат за нивната стратегија, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во Турција за да се сретне со неговиот колега Реџеп Таип Ердоган во вторникот и во Саудиска Арабија во средата. Американскиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, во вторник ќе отпатува за Полска, а во четврток во Киев.
Од американска страна, државниот секретар Марко Рубио во понеделникот беше во Саудиска Арабија, каде што беше примен од престолонаследникот Мохамед бин Салман.