🎥Пожар ја затвори македонско-грчката граница

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Граничниот премин „Евзони“ на грчката страна од границата е затворен поради пожар.

Судејќи по видеата објавени на Фејсбук-групата „Grcka info“, може да се забележи дека пожарот е во непосредна близина на граничниот премин.

Грчкиот медиум „Прототема“ пишува дека пожарот избувнал нешто по 12 часот на тревнат површина. На гаснење работат 22 пожарникари и 10 возила.

„Поради пожарот затворен е патот кон граничниот премин Евзони додека сообраќајната полиција го пренасочува сообраќајот“, пишува „Прототема“.

Граѓаните кои се упатуваат кон граничниот премин, јавуваат дека истиот е привремено затворен.

Се уште не е познато како настанал пожарот, но се претпоставува дека се работи за шумски пожар со оглед на големите горештини кои деновиве ја зафатија Македонија и Грција.

Како што велат сведоци од македонската страна на границата, струјата на „Богородица/Евзони“ е исклучена, а вработените се евакуирани.

Запрен е сообраќајот, поради што има гужви и од македонска страна. Во моментов колоната е до Гевгелија. Возилата се пренасочуваат на граничниот премин Дојран.

Во меѓувреме, стигна соопштение и од нашето МВР дека во моментов е во прекин сообраќајот преку ГП „Богородица“. Оттаму велат дека се преземаат интензивни мерки за гасење на пожарот и по неговото гасење, повторно ќе биде овозможено преминување преку граничниот премин.

-Апелираме до граѓаните да не се упатуваат кон граничниот премин додека не биде објавено дека пожарот е изгаснат и сообраќајот нормализиран, порачаа од МВР.

Слични содржини