🎥Трамп го пофали Путин откако Американец беше ослободен од руски затвор

од Nikola Popovski
67 прегледи

Американецот Марк Фогел, кој во вторникот беше ослободен од затвор во Русија, пристигна во Белата куќа во вторникот вечерта.

Тој пристигна во Белата куќа со американско знаме на својот грб, каде што беше пречекан од американскиот претседател Доналд Трамп, кој го пофали рускиот претседател Владимир Путин за неговата улога во ослободувањето на Фогел.

„Ви благодарам на сите, ја сакам нашата земја и многу сум среќен што се враќам овде. И посакувам да можам да го артикулирам тоа подобро“, рече Фогел, пренесе Си-Ен-Ен.

Договорот за ослободување на Фогел, кој Стејт департментот го означи како незаконски приведен, го преговараа Трамп, специјалниот пратеник за Блискиот Исток Стив Виткоф „и советниците на претседателот“, се вели во изјавата на советникот за национална безбедност Мајк Волц.

Во соопштението се нагласува дека ова е „гест на добра волја од Русите и знак дека се движиме во вистинската насока за да ставиме крај на бруталната и ужасна војна во Украина“.

Трамп не даде никакви дополнителни детали за размената, но ја нарече акцијата фер и разумна, „за разлика од потезите што сте ги виделе низ годините“, рече тој, истакнувајќи дека условите за ослободување на Фогел ќе бидат објавени денеска.

Запрашан дали неговото ослободување може да го означи почетокот на мировниот договор, Трамп рече дека „има добра волја во врска со војната“ и го пофали рускиот претседател Владимир Путин за неговата улога.

„Би можеле да бидете голем дел од тоа, всушност, бидејќи тоа може да биде голем, важен дел од завршувањето на војната со Украина“, рече Трамп, свртувајќи се кон Фогел додека стоеле заедно.

Американскиот претседател потврди дека се очекува да биде ослободен уште еден американски државјанин, но не прецизираше за кого станува збор.

Американскиот ТВ канал потсетува дека голем број Американци се уште се во притвор во Русија, а најмалку двајца се етикетирани како „незаконски уапсени“ – Стивен Хабард и руско-американската државјанка Ксенија Карелин.

Виткоф, кој лично отиде во Русија за да го врати Фогел, е првиот висок американски функционер што ја посетил Русија од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година, наведува Си-Ен-Ен.

Фогел работеше речиси една деценија како професор по историја во Англо-американското училиште во Москва, каде што неговите ученици беа деца на американски дипломати.

Тој беше уапсен во август 2021 година на аеродромот Шереметјево во Москва, откако кај него беа пронајдени 17 грама канабис, за кој тврдеше дека ги користел по лекарски совет за лекување на „тешки болки во ‘рбетот“.

Во јуни 2022 година, тој беше прогласен за виновен за „шверц на дрога од големи размери“ и осуден на 14 години во руски логор за принудна работа.

Фогел не бил вклучен во повеќекратни размени на затвореници за време на администрацијата на поранешниот претседател Џозеф Бајден, вклучително и онаа во август кога ги ослободи новинарот Еван Гершкович и поранешниот маринец Пол Вилан.

Рускиот Врховен суд во декември одби да ја разгледа жалбата на Фогел против неговата 14-годишна затворска казна.

Слични содржини