📈Малопродажните маркети „растурија“ во 2023 година: Вкупната нето добивка на најголемите седум трговски ланци е зголемена за неверојатни 42,43%

од Vladimir Zorba
1,1K прегледи

Најголемите ланци малопродажни маркети за стоки од широка потрошувачка, заедно лани оствариле нето добивка од повеќе од 35 милиони евра, покажуваат податоците на БизнисМрежа. Станува збор за „Веро“, „КАМ“, “Кипер“, „Стокомак“, „Кит- Го“, „Рамстор“ и „Тинекс“.

Анализата на остварените добивки покажува дека „ВЕРОПУЛОС“ ДООЕЛ Скопје останува неприкосновен. Со остварен профит од 10,3 милиони евра во 2023, ВЕРО е трета година по ред најголем во ланецот маркети. Оваа добивка споредена со 2022 г. покажува раст од 12,8 %. Во однос на приходите ВЕРО во 2021 и 2022 год. бил на петто место од анализираните седум маркети, а во 2023 година се искачува на четвртото место , далеку под приходите на КАМ, КИПЕР и Стокомак.

„Кам“ ДОО Илинден три години по ред се наоѓа на второто место по остварена добивка. Во 2023 година КАМ има профит од нешто над 7,3 милиони евра или 18,8 % повеќе од 2022 г. Интересно е што доколку се направи споредба на остварените приходи на сите седум анализирани маркети, се доаѓа до податокот дека КАМ минатата година имал значително поголеми приходи од „ВЕРО“. Тие лани изнесувале повеќе од 268 милиони евра, додека приходите на ВЕРО биле нешто над 102 милиони евра.

Зад „КАМ“ е „КИПЕР МАРКЕТ“ ДОО со нето добивка од 5,5 милиони евра. Тоа значи дека овој ланец маркети ја зголемил добивката за 63, 6 % споредено со 2022 година. Во 2021 г. профитот на КИПЕР изнесувал 4,8 милиони евра.Што се однесува до остварените приходи, КИПЕР две години по ред се наоѓа на второто место на листата.

„Стокомак“ ДОО Скопје за разлика од 2022 година, сега е зад „КИПЕР“. Лани има остварена нето добивка од 4,1 милиони евра што е за 18,8 % повеќе од 2022 г. или 14,3% повеќе од 2021 г.

Континуиран раст на добивката бележи „Кит- Го“ ДООЕЛ Штип. Овој маркет лани реализирал профит од 3,9 милиони евра што го позиционира на петото место од анализираните маркети. Оваа добивка е за 57% поголема од 2022 или 90 % поголема од 2021 г.

„Рамстор Македонија“ ДОО Скопје две години по ред е на шестата позиција по остварена добивка. 2023 г. ја заокружил со профит од 2,5 милиони евра, а во однос на приходите Рамстор и во 2021 и во 2022 и лани е на седмото место.

„Тинекс“ ДООЕЛ Скопје лани остварил добивка од нешто над 1,4 милиони евра што е трипати повеке од годината пред тоа кога заработката била нешто над 460 илјади евра.

Ланските добивки на најголемите ланци малопродажни маркети се за дури 42,43% поголеми од оние во 2022 година која ја заокружиле со остварени 24,68 милиони евра.

Сепак, 2022 година за најголем број од малопродажните маркети била послаба во однос на 2021 година.

Слични содржини