📊Без изненадувања кај пензиските друштва – Сава и КБ Прво најуспешни и во 2023 година

од Vladimir Zorba
47,2K прегледи

Нема изненадувања  во состојбите со капиталното финансирано пензиско осигурување. Според податоците на БизнисМрежа, САВА пензиско друштво  и КБ Прво пензиско друштво остануваат на врвот  остварувајќи позитивни финансиски резултати и во 2023 година.

КБ Прво пенизско друштво има остварено нето-добивка од  речиси 3.1 милиони евра,а веднаш зад него е САВА со профит од 2.2 милиони евра.Споредбите со годината пред тоа,покажуваат дека добивката на КБ се зголемила за 22,4 % а на САВА за 12%. Разликата најмногу се должи на фактот дека КБ Прво, има остварено повисоки приходи, а воедно има и помалку трошоци од САВА, односно КБ Прво, имал приходи во износ од 6.47 милиони евра и трошоци од 3.18 милиони евра, додека приходите на  САВА во 2023 година изнесувале 5.92 милиони евра, а расходите 3.56 милиони евра. Двете пензиски друштва успеале да ги зголемат профитите во споредба со годината претходно, и тоа КБ Прво за 11,94 %, а САВА за 14,68 %.

ТРИГЛАВ пензиско друштво бележи негативен финансиски резултат и во петата година од своето работење. Неговото негативно салдо во 2023 г. изнесува 430.323 евра, кое е сепак за 230.174 евра помало од претходната година. Во задолжителниот пензиски фонд со којшто управува ТРИГЛАВ сè уште членуваат релативно мал број на членови и средствата се од помал обем, што влијае на помалиот износ на приходи од една страна ( 914.894 евра) а од друга страна има значителни трошоци (1.34 милиони евра). Споредбата на финансиските резултати остварени во 2022 г. покажува дека ТРИГЛАВ на приходната страна има раст од 76 % но добивката е намалена за 34,85 %, ВФП пензиско друштво исто така бележи негативен финансиски резултат во втората  година од своето работење. Негативното салдо  за 2023 година изнесува  142.990 евра и е речиси двојно поголемо од 2022 година кога минусот бил 70.694 евра.  Ваквиот резултат според економистите е вообичаен и очекуван за почетните години од работењето на пензиско друштво. Колку за потсетување,  ВФП управува само со доброволен пензиски фонд кој започна со работа во октомври 2022 година и во него членуваат мал број на членови, а средствата се од помал обем што влијае на помалиот износ на приходи .

Вкупниот број членови и времено распределени осигуреници во задолжителните пензиски фондови, заклучно со 31 декември 2023 година, според податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, изнесува 593.023  што значи зголемување на бројот на членовите во вториот столб за  33.071 во споредба со 2022 година. Порастот на членството во 2023 година во однос на 2022  година го задржува приближно истото ниво како и минатата година.

Во однос на распределбата на членството по задолжителни пензиски фондови очекувано е, и во 2023 година најголемиот број на осигуреници да се членови на САВА пензиско друштво и КБ Прво пензиско друштво. Статистиките на МАПАС говорат дека од вкупниот број членови и времено распределени осигуреници по задолжителните пензиски фондови, со состојба на 31.12.2023 година, 240.720  се во КБП, 227.316 се во САВА и 41.869  се во ТРИГЛАВ. Од вкупниот број членови на вториот столб  61.909 се доброволни членови, додека  531.114 се задолжителни членови. Од вкупниот број задолжителни членови, 192.675  членови потпишале договор за членство,  307.733 не потпишале договор и се трајно распределени и 30.706 , осигуреници се времено распределени.
Анализата на структурата на членовите по возраст покажува дека членовите, во најголем број, се млади лица. Најбројна е  категоријата лица од 36-40 години или 115.971 член , а веднаш зад неа е популацијата на возраст од 31-35 години со вкупно 106.498 членови. Најмалку бројна е категоријата на лица од над 65 години или само 11 лица.

Извор: МАПАС

Извор: МАПАС

Извор: МАПАС

Извор: МАПАС

К.В.С.

Слични содржини