📊Додека дел од интернет порталите континуирано „тријат раце“, останатите се борат со „дебели“ минуси

од Vladimir Zorba
6,9K прегледи

Од вкупно 15 портали чии податоци можат да се пронајдат на „БизнисМрежа“, 10 ја завршиле 2023 година со позитивно салдо. Заедно оствариле нето добивка во износ од 425.422 евра, успевајќи да ја надминат претходната, 2022 година, за 29% кога заработиле 329.970 евра. Бројките се ветувачки, особено од аспект на фактот дека се реализирани во услови на речиси идентични приходи кои во 2023 изнесувале над 2,9 милиони евра, а во годината претходно 2.7 милиони евра.

На врвот веќе традиционално е агрегаторот Тајм.мк со вкупни приходи од 345.815 евра и нето добивка од 221.785 евра. Овој медиум успеал да го зголеми профитот во однос на 2022 за 9.09 %, односно заработил 203.304 евра и имал вкупни приходи во износ од 302.514 евра.

Промени нема ниту во однос на позиционирањето на „Фактор“ кој е повторно на второ место. Порталот успеал да ја зголеми својата добивка за 59,58% остваруваќи приходи во износ од 340.309 евра и добивка од 98.343 евра, додека во 2022 година медиумот имал профит од 61.627 евра и приходи од 337.426 евра.

Огромна пресвртница има кај „Џенерал Хералдинг“ (Лидер.мк) кој за разлика од 2022 година кога завршил со негативно салдо од 23.449 евра, успеал не само да ги зголеми своите приходи за 90,46%, туку и да ја заврши 2023 во плус од 30.080 евра.

Од друга страна, нема големи промени во рангирањето на СДК.МК. Овој медиум го зголемил профитот во однос на 2022 за 59,58% како и вкупните приходи и тоа во процент од 48,9.

Зад него е „360 степени“ кој успеал да ги надмине финансиските загуби од 2022 година која ја завршил со минус од 34.204 евра. На неговата завршна сметка во 2023 се регистрирани приходи во износ од 368.755 евра што е зголемување од 49,54% и нето добивка од 13.505 евра.

„Скај Прес Ресен“ (Центар.мк) има приближно исти резултати и во двете години, односно успеал да го зголеми профитот за 2.427 евра.

„ПлусИнфо“ ја заокружил 2023 година со нето добивка во износ од 8.726 евра, која е за 69,86% повисока од онаа во 2022.

Зад него е „Максмедиа“ (Вечер мк) со 4.188 евра, потоа „Њу медиа комјиникејшн“ (Пресс24.мк) со профит од 3.787 евра кој е за 54,30% помал од оној во 2022 година и „Портал Њуз“ (Мкд.мк) со нето добивка од 1.406 евра.

Двете последователни години биле лоши за „Шорткат“ кој ги обединува порталите Трн, Рацин…Сепак, за разлика од 2022 година кога минуисното салдо изнесувало 15.268 евра, следната година тоа се намалило на само 724 евра.

Негативни резултати во 2022 и 2023 забележала и компанијата „Клип Медиа Груп“ која ги обединува порталите Макфакс, Репортер, УСБ и Топ Спорт. Компанијата не само што не успеала да го намали минусот од 2022 година кога тој изнесувал 162.287 евра, туку и го зголемила за 115.363 евра.

Негативните резултати ги продлабочила и компанијата „Прва Република“ (Република.мк) и тоа за 228%.

„ЕмМедиа“, која стои зад порталот Курир.мк, исто така го зголемила својот минус, кој во 2022 година изнесувал 31.904 евра, а во следната 54.153 евра.

Негативен финасиски резултат во две последователни години е забележан и кај „Онлајн медиа“ (А1он.мк) и тој во 2022 изнесувал 13.018 евра, а во 2023 – 12,118 евра.

К.В.С.

Слични содржини