Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со командирот на ТППЕ Тетово, Авни Ахмети, и раководителката на РЦУК Тетово, Арлинда Мухареми, попладнево соопшти дека пожарот кај Јажинце е ставен под контрола
Тројцата од терен ја координираа целата акција, која резултираше со успешно ставање на пожарот под контрола.
Во гаснењето беа вклучени противпожарните екипи од Тетово, специјализираните возила на Дирекцијата за заштита и спасување, како и воздушна поддршка од авион „Ер Трактор“ и хеликоптер на Министерството за внатрешни работи.
„Навремената интервенција овозможи ограничување на ширењето на огнот и заштита на инфраструктурата и имотот на граѓаните.
Оваа успешна акција уште еднаш ја потврди важноста на брзата и ефикасна координација, како и меѓусебната соработка меѓу различните институции при справување со кризни ситуации“, порача Мухамед Али.