📷 Орце и Данела се препукуваат околу одговорноста за еколошката хаварија во Кисела Вода

од Љубиша Владимиров
170 прегледи

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, информира дека денеска во населбата Пинтија, кај Скопје, се случи еколошка хаварија во објект за производство на стиропор. Според неговата објава, фабриката поседува елаборат за заштита на животната средина издаден и одобрен од Град Скопје уште на 31.12.2021 година (број 08-10300/4). Меѓутоа, поради дефект на вентил, дошло до истекување на хемикалии што се користат во производството, предизвикувајќи загадување во овој дел од општината.

Иако тоа не е во рамки на надлежностите на општината, од таму во соработка со Противпожарната бригада обезбедиле пилевина и песок за да се спречи пролизгување на местото на хаваријата. Инспекторите од Кисела Вода веднаш излегоа на терен и ја констатираа хаваријата, по што апелираат до Градот Скопје и другите надлежни институции да преземат соодветни мерки согласно законските обврски. Градоначалникот истакнува дека граѓаните немаат причина за вознемиреност затоа што се преземени сите неопходни мерки за заштита.

Веднаш по инцидентот, околу 14 часот на булеварот „Борис Трајковски“ во близина на Пинтија, пукнал резервоар во приватната фабрика „Екопор“, при што од него истекла црна хемиска течност која преку атмосферската канализација завршила на коловозот, предизвикувајќи опасно загадување. На местото на настанот интервенираа полициски екипи и Територијалната противпожарна бригада на Скопје, кои го пренасочија сообраќајот и ги преземаа мерките за изолирање и чистење на загадениот простор. Инспекторите од Град Скопје излегоа на увид и составија записник.

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку Фејсбук објава информираше дека компанијата „Екопор“ не ги презела потребните мерки, и покрај претходен инспекциски извештај кој го нотирал истекувањето од вентил под притисок. Таа нагласи дека за ваков инцидент следуваат парична казна од 45.000 евра, затворање на погонот и налог за санирање на штетата. Арсовска упати апел до Општина Кисела Вода и до Министерството задолжено за оваа област да постапат и да ја санкционираат компанијата во согласност со законите. Истрагата за причините и последиците од хаваријата е во тек.

Слични содржини