Графити со натпис „ВМРО-ДПМНЕ“ и пораки кои повикуваат на смрт и етничка омраза со натпис „Мртов Шиптар“, „ Македонија за Македонците“ ги вџашија утрово жителите на скопската оштина Кисела Вода. Тие во изјава за „Локално“ велат дека веќе подолг период во близина на тениското игралиште, и од задниот дел на Домот за слепи лица се собираат група хулигани меѓу кои има млади момчиња и девојки кои до раните утрински часови ги тероризираат жителите.
Велат дека, иако веќе неколку пати пријавуваат на 112 и бараат полицијата да интервенира, тоа до сега не се случило.
„Некогаш се собираат и со мотори со кои брмчат до три часот наутро. Но, и кога се без мотори тие по цела ноќ пијат, врескаат и нè тероризираат. Во поголемата група има и малолетници, а некои од нив се и деца на полицајци. Барем самите така кажуваат. Колку и да се обиде човек со нив разумно да разговара за да се смират и да не се однесуваат така, тие дрско одговараат велејќи: ’Не сакаш да знаеш кој ми е татко“, велат граѓаните кои ја контактираа редакцијата на „Локално“.
Покрај овие графити кои се појавија утрово, граѓаните се жалат дека освен што не можат навечер да спијат од неподносливата галама и неартикулираните вресоци, тие скоро секое утро наоѓаат расфрлени лименки и шишиња од алкохол. Како што се гледа на фотографиите, има дури и оставени коктели со алкохол и овошје, а и женска облека.
Разочарани од непостапувањето на институциите, жителите на Кисела Вода велат дека бараат градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и полицијата во најскоро време да воведат ноќни патроли во овој дел од општината за да се спречи понатамошен вандализам.